АКО ИНЦИДЕНТИТЕ СТАНАТ ПРАКСА, ЌЕ СЕ ЗАБРАНИ ТИК-ТОК На Токсикологија сѐ уште нема пациенти кои се затруле поради предизвикот со „парацетамол“

Не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана, појасни министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

297

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека кон забрана на социјалната мрежа Тик-Ток ќе се пристапи доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“, одговарајќи на прашање, поврзано со неодамнешните инциденти поради предизвикот за консумирање „парацетамол“ на Тик-Ток, на неговото обраќање по повод Денот на побезбеден интернет.

Новиот предизвик е актуелен меѓу тинејџерите на интернет и тој не е само опасен, туку и смртоносен. Децата и младите се натпреваруваат на Тик-Ток за да видат кој може да проголта најмногу таблети парацетамол, објавија швајцарските медиуми.






Неколку кантони во западна Швајцарија предупредија на опасниот „Парацетамол предизвик“, пишуваат веб-страниците Свисинфо и Швајцарско радио и телевизија (РТС).

Предизвикот потекнува од САД, но последниве денови зема замав во Швајцарија.

Тик-Ток ќе се забрани ако инцидентите станат пракса

Прашан дали се разгледува забрана на платформата Тик-Ток; на која најнов опасен предизвик за децата е „парацетамол“; откако во таа насока размислува премиерот на Албанија; Андоновски одговори дека кон забрана ќе се пристапи доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“.

– Рама размислуваше и пред еден месец, па се повлече од тоа размислување. Тоа ад хок однесување прави повеќе штета отколку напредок во функционирањето на државите. Ние имаме малку поразличен пристап, како што видовте со онлајн игрите на среќа. Кога е забележано дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана – појасни Андоновски.

До родителот е, а не само до детето

Министерот напомена дека очекува учениците и нивните родители да го користат упатството што е доставено пред 2 недели во училиштата, кое треба да ги заштити најмладите од предизвиците на интернет.

Андоновски рече дека упатството било споделено со сите училиштата и доставено до МОН и до Педагошката служба. Тоа има 2 дела, од кој вториот е наменет за родителите, и е достапно за секој што е заинтересиран на веб-страницата и на Фејсбук профилите на Министерството.

– Тоа јасно објаснува кои ресурси можат и треба да ги користат училиштата, во разговор со учениците, и кое однесување треба да го имаат. Вториот дел на тоа упатство се предлози на апликации кои родителите може да ги искористат за да забранат одредени страници или содржини за нивните деца на нивните мобилни телефони, мобилни уреди, смарт-уредите и на телевизорите дома. Се надевам дека ќе го користат. Ставивме и некои теми, коишто сметам дека се важни, да се обработуваат на одделенски или на класен час, така што мислам дека во тој дел ќе помогне – изјави Андоновски при посетата на ОУ „Димитар Македонски“.

На прашањето дали има повратна информација дека препорачаните апликации од упатството веќе се користат, министерот одговори дека тоа не е обврска на училиштата, туку, како што рече, „домашна задача за родителите“.

– Од секој родител зависи како се однесува неговото дете. Тоа е процес на домашно воспитување, на здрави навики и на навики на однесување. Ние апелираме на свеста кај родителите да ги искористат овие апликации кои ние им ги нудиме како ресурс. Доколку имаат потреба од дополнително објаснување, исто така им стоиме на располагање и на училиштата и на родителите. Но, не смееме да заборавиме дека ова е првенствено задача на семејствата и на родителите – истакна Андоновски.

Нема мобилни на настава

– Во училиштата во општина Аеродром речиси не е дозволена употреба на мобилните телефони за време на наставата – соопшти в.д. градоначалникот Дејан Митески.

Тој заедно со министерот Андоновски присуствуваше на првото одбележување на Денот на побезбеден интернет (Safer Internet Day) што се одржа во ОУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче.

– Минатата недела Советот донесе препорака до советите на училиштата, тие ги прифатија препораките и во сите училишта во Општина Аеродром е забрането користење мобилни телефони за време на настава. Се надевам дека со ова ќе поттикнеме нов начин на размислување кај децата, но пред сѐ кај родителите, имајќи предвид дека нашата обврска е да ги заштитиме децата од користење небезбеден интернет. Тој е секојдневие и неизбежност, но мора да го користиме во правилна насока – рече Митески.

Нема пациент кој го следел трендот со земање големи дози „парацетамол“

Во контекст на предизвикот со „парацетамол“, на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје досега нема пријавено случај во кој пациент следел тренд на социјалната мрежа Тик-Ток со земање големи дози „парацетамол“. Информацијата за МИА денеска ја потврди директорот Андон Чибишев, кој и самиот алармираше на претпазливост во врска со овој предизвик.

„Нова опасност им се заканува на нашите деца. Експериментот со ‘парацетамолот’ е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува 5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или леталната смртна доза е 20-25 грама,“ напиша Чибишев неодамна на социјалната мрежа Фејсбук.

Tој појасни дека труење настанува заради исцрпување на метаболичкиот систем на црниот дроб, силното хепатотоксично дејство на N-ацетилмидокинонот – составна компонента на парацеталот, што предизвикува некроза или распаѓање на хепатоцитите, клетки што го градат црниот дроб.

За кобните последици што може да ги има предизвикот, се огласи и доктор Нико Беќаровски од истата Клиника.

Ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, д-р Беќаровски советува веднаш да се дадат 10 таблети медицински јаглен, 2 кесички АЦЦ и да се побара лекарска помош.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека нема информации за пациенти, млади луѓе кои користат по 5-6 парацетамоли поради предизвик на Тик-Ток, пријавени на Клиниката за токсикологија.

– Првпат ја слушам оваа информација бидејќи, искрено, не користам Тик-Ток – одговори тој на новинарско прашање.

 

НОВ ОПАСЕН ТРЕНД КАЈ МЛАДИТЕ НА ТИК-ТОК Парацетамолот во високи дози може да биде смртоносен

Поврзани содржини