АКО ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ СДСМ ЌЕ ДОЖИВЕЕ НОВА КАТАСТРОФА Деспотовски вели дека Филипче само купува време
Во моментов, за жал, не можам да видам дека имаме некаков тип на иницијатива, дека имаме некаква новина или дека имаме нешто што ново би понудиле на избирачите, вели поранешниот директор на ТИРЗ и истакнат член на СДСМ, Јован Деспотовски.
По катастрофалниот пораз во мај, СДСМ не може да се надева на поразличен резултат во моментов. Барањето за предвремени парламентарни избори наликува на гол популизам.
Ова за Алфа го тврди поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој искрено се сомнева дека актуелните раководни структури во СДСМ имаат моќ да ја консолидираат партијата.
– Во моментов, за жал, не можам да видам дека имаме некаков тип на иницијатива, дека имаме некаква новина или дека имаме нешто што ново би понудиле на избирачите. Не мислам дека раководството на СДСМ, актуелното раководство има оправдана причина да бара избори или да се надеваме за некаков подобар резултат на тие избори, освен купување време – изјави Деспотовски.
Деспотовски вели дека ситуацијата била слична и во 2006 година кога СДСМ ја загуби власта, но тогаш партијата многу побрзо се консолидирала.
– Впечатокот кај јавноста, кај луѓето, кај членовите на партијата со коишто и јас комуницирам прилично редовно е дека работите се движат со некоја, ај да кажаме, забавена динамика. Ќе направам една паралела со сличен процес којшто се случуваше 2006 година, кога СДСМ исто ги загуби изборите. Во период од неколку месеци имаше и отчетен конгрес, се изгласа недоверба на тогашниот претседател, се изгласа ново раководство, така што партијата застана релативно брзо на нозе, зборуваме за период од два, три, четири месеци – изјави Деспотовски.
Освен Венко Филипче којшто беше избран за претседател, СДСМ во моментов сѐ уште нема раководство. Новите структури треба да се изберат на 24 ноември на конгрес.
– Тие наши партиски другари не би требало да бидат дел ниту од новото раководство на партијата, меѓутоа не би требало да се појавуваат толку многу во јавноста и да ги застапуваат ставовите на партијата. Проблемот настанува колку актуелниот партиски врв навистина е подготвен да се соочи, навистина е подготвен да извади нешто ново – изјави Деспотовски.
Деспотовски беше и кандидат за претседател на СДСМ на последните внатрепартиски избори.