АКО ИМА ПАРИ ЗА РУЧЕЦИ, ЌЕ ИМА И ЗА ГРЕЕЊЕ Градоначалникот на Гази Баба порача дека учениците мора да останат во клупите

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски предлага да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики.

488

Да се зголемат блок дотациите кои стигнуваат до општините со цел да се покријат тековните трошоци, но и да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики, предложи денеска градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.

– Гледаме дека Владата троши големи средства од буџетот за патување на бројни делегации во странство, купување нови автомобили, набавка на морски плодови, ручеци по ресторани и слично, ако има пари за сѐ ова претходно, тогаш мора да се обезбедат пари и за непречено функционирање на училиштата. И затоа Владата треба итно и недоложно преку Министерството за образование и наука да обезбеди зголемување на блок дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, но да се размислува и на определување на дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики, но секако тие на крајот да не влијаат на реализирање на годишната програма – пишува Стефковски во објава на својата официјална страна на Фејсбук.






Изминативе денови актуелна е темата за можно затворање на училиштата и воведување на онлајн настава поради енергетската криза.

Градоначалникот Стефковски е категорично сум против затворање на училиштата.

„Наставата со физичко присуство е единствена форма на одржување настава која ќе создаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование. Ова мое тврдење се потврдува и со искуството кое го стекнавме за време на пандемијата кога се реализираше онлајн настава во Македонија која не даде задоволителни резултати. Покрај ова секојдневно бевме сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа одржување на настава и со денови. Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување на онлајн настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава? И што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци?“, наведува тој.

Стефковски потсетува дека он лајн наставата е особено тешка за учениците од пониските одделенија со кои родителите треба да учат.

„Едноставно родителите ќе треба да ја заменат улогата на наставник во домашни услови. Но што со оние двајца родители кои имаат работни обврски? И тука можеме да заклучиме дека за многу ученици онлајн наставата ќе претставува само формалност, а не вистинска замена за наставата со физичко присуство“, додава Стефковски.

Поврзани содржини