АКО ИМА КОРУМПИРАНИ СУДИИ НА ВРХОВЕН, ЗАМИСЛЕТЕ КАКО Е ПОДОЛУ Едни тефтерчиња од минатото се заменија со други тефтерчиња, обвини Мицкоски
Сѐ додека имаме тефтерчиња и сѐ додека не се распуштат овие луѓе нема да имаме правна држава. Ќе повторам, ако нема правна држава нема пари во Буџетот, ако нема пари во Буџет нема вакви проекти, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на прашањето дали постои задоволство од казните за спогодба на Иџет Мехмети и Наќе Георгиев, премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција одговори дека е задоволен од тоа што во техничката Влада, токму МВР спроведе перфектна акција кога за првпат на дело покажаа дека имаме корумпирани судии во највисокото тело, тоа е Врховниот суд.
– И ако вие имате корумпирани судии коишто се во највисокото тело, а тоа е Врховниот суд, тогаш можете да си замислите што се случува надолу. Понатаму, во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија туку и лицето за кое исто така постои спогодба со обвинителството, а тоа е Иџет Мехмети, ако не се лажам како претседател на Советот на јавни обвинители, ако не се лажам. Така што тука е јасна спрегата меѓу судско-обвинителскиот систем кај нас и затоа довербата ни е 2 проценти. Затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија од други тефтерчиња само овие се од Струмица, Бихаќка и од Речица. И сѐ додека имаме тефтерчиња и сѐ додека не се распуштат овие луѓе нема да имаме правна држава. Ќе повторам, ако нема правна држава нема пари во Буџетот, ако нема пари во Буџет нема вакви проекти – дециден е премиерот.