Кампањата за парламентарните избори не ја коментирам. Ниту во моите колумни на порталот Плусинфо, ниту во постови на Фејсбук. Некои од вас, почитувани читатели, веројатно очекуваа и јас, како и повеќе мои колеги, да го кренам бајракот токму сега. Жалам што можеби некого сум разочарал, но имам две важни причини за мојот молк.
Првата причина е од професионална природа.
Порталот Плусинфо секогаш известува интензивно и обемно за настаните во кампањите и за пораките што се упатуваат до избирачите. Но, традиционално, порталот не ги коментира. Договорени исклучоци од ова правило се само ситуациите кога е загрозен изборниот процес, во периодот на предизборието, во кампањата и на самиот изборен ден. За среќа, во текот на кампањата, до овој момент, немаше некаква посебна причина да се огласиме со коментар во одбрана на процесот.
Внимателно ја следиме и известуваме и за т.н. дебата за карактери, која се води преку објавување нелегални видео и аудио снимки, од страна на повеќето провладини и опозициски портали. Плусинфо нема објавено и нема да објави ниту една снимка која не е од официјален извор, ниту линк до објавена информација која содржи таква снимка. Но сепак, оценивме дека постои јавен интерес и одлучивме да ги известуваме нашите читатели за појавувањето на таквите снимки на социјалните мрежи и во другите медиуми (без оглед дали се однесуваат на луѓе од власта или од опозицијата) и да известуваме и за битните наводи од тие разговори, без при тоа да бидеме канал преку кој тие снимки јавно ќе се споделуваат. Гледам, на истоветен начин постапува и државната новинска агенција МИА, со тоа што не следам дали таа рамноправно известува за „бомбите“ на двете страни.
Што се однесува до нас, до новинарите и колумнистите со кои соработува Плусинфо, во текот на периодот меѓу двата изборни циклуса, сите ние имавме целосна слобода, простор и охрабрување да ги коментираме општествените прилики. Нашиот портал смета дека е фер сега, во текот на изборната кампања, просторот целосно и врз рамноправна основа да им се препушти на учесниците на кампањата, а новинарите и колумнистите да се воздржат од коментирање. Не велиме дека тоа е правило што треба да важи за сите медиуми и дека она што го прават другите не е добро, само сакам да нагласам дека за нас тоа е „златен стандард“ на професионално поведение за време на изборна кампања.
Втората причина за мојот молк за кампањата е од лична природа.
Никогаш во мојата професионална кариера моето перо не било „рентано“ за да биде на страната на оваа или на онаа партија. Кој тврди поинаку, лаже. Да, цврсто ги бранам своите политички ставови, но тие не можат да се купат и да се платат. Мојата „кауза“, каква и да е, едноставно, не може да се поткупи. Сите обвинувања дека постапувам поинаку се клевети. Затоа и се пласираат во јавноста како лажни вести и на други начини кои на клеветниците им даваат некаква (лажна) сигурност дека со мене нема да мора да се соочат на суд.
Немам ни било каква друга лична причина – а сум имал во минатото – нагласено да се ангажирам на јавната политичка сцена. Немам преземено обврска да бранам или да напаѓам некого. Ги жалам колегите кои добиле такви задачи и кои од петни жили навиваат, а често и навредуваат, клеветат, сеат класичен говор на омраза. Јас си немам зададено таква задача, а од друг задачи не примам.
И затоа, не гледам причина зошто вас, почитувани читатели, би ве повикувал да гласате (или да бојкотирате, сеедно), уште помалку да ве плашам дека ако не гласате ќе се случела голема трагедија – ќе се врател Груевски, ќе се врател Црвенковски и слично. Не гледам зошто да ви кажувам за кого да гласате, а најмалку, пак, да ве убедувам во она во што и јас не верувам, имено дека мора да го изберете „помалото зло“.
Помалото зло? Хм… Да, пред кампањата, кога јавно ги сумирав своите критички ставови за нашите политички неприлики, нагласив дека ќе гласам само за оние учесници во кампањата кои уверливо ќе ветат промени. Ако има такви. Зошто промени? Затоа што македонското општество со години страда од зло за кое воопшто немам намера да вагам дали е „помало“ или „поголемо“. За мене некомпетенцијата, партизираните институции, клиентилизмот и политичката неодговорност, како идеални предуслови за развој на коруптивните шеми и за процут на коруптивното поведение, се неприфатливо зло. Очекував во изминатите три години конечно да се стави крај на тоа зло, но моите очекувања беа изневерени.
Затоа, немам намера да избирам некакво „помало зло“, ниту пак на други да им сугерирам да размислуваат на таков начин. Го отфрлам тој дискурс, затоа што е последица на нашата авторитарна свест. Мојот глас ќе го добие само тој што ќе ме убеди дека избирам добро, а не некакво зло, поголемо или помало, сеедно. Освен тоа, во години сум кога моето ниво на толеранција за конформирмизмот и за поданичкиот менталитет на луѓето драстично е намалено, буквално до нивото нула.
Вас, почитувани читатели, ве повикувам на овие избори да се охрабрите и да постапите секој според своите лични ставови и убедувања. Нашиот глас е само наш и секој треба самостојно да одлучи дали ќе гласа и ако гласа, за кого ќе го даде својот глас. Тоа е наша лична, интимна одлука, која не мораме со никого да ја споделиме. Бидете сосема спокојни на 15 јули, бидете апсолутно сигурни во својот избор. Ако гласате, изберете добро, а не зло.
И најважно од сè – чувајте се, бидете живи и здрави.