АКО ЕУ НЀ САКА СО НЕА ДО 2030 ГОДИНА, НАЈМАЛКУ ШТО МОЖЕ Е ДА НЕ НЀ ДИСКРИМИНИРА Ако има волја, има и начин, порача Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на состанокот со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен ќе разговара за влезот во Унијата на патниците од европските земји кои не се членки на ЕУ преку аеродромите и ќе бара и патниците од Македонија да поминуваат на брзата лента.

547

Најмалку што може да направи ЕУ ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа, е да не нè дискриминира, рече денеска премиерот и претседаѕел на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со новиот систем на ЕУ на контрола на граничните премини и дали македонските превозници ќе имаат олеснувања.

– Имаше регионална иницијатива, не само од наша страна, туку и од останатите 6 земји од Западен Балкан. Треба час поскоро да се разгледа тоа и да се олесни пристапот на превозниците и онаа зелена лента што се најавуваше од Европската комисија да профункционира. И мислам дека тоа нема биде проблем. Но, она што јас ќе го покренам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес, ќе биде токму тоа – кога ќе слетате на кој било европски аеродром на земја членка на ЕУ има натпис „граѓани на ЕУ“ и „граѓани кои не се од ЕУ“, а се дел од Европа и други граѓани, и ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа, мислам дека најмалку што може да направи ЕУ е да не нè дискриминира, сите да можеме да бидеме граѓани на Европа – потенцира Мицкоски.






Според него, не треба да бидеме дискриминирани зашто не сме дел од ЕУ и треба да поминуваме на брза лента, бидејќи сите поседуваме биометриски пасоши.

– Како велат тие, „Ако има волја има и начин“. И еве, ова нека биде првата испорака што би ја дала Европската Унија за Западен Балкан и ова ќе биде дел од мојата дискусија со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и со моите колеги и колегите од ЕУ за време на Берлинскиот процес – нагласи Мицкоски по средбата со претставници на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Нихи Алиу, в.д. претседател на Комората, истакна дека со новиот систем на гранична контрола засега немаат поплаки од превозниците, освен тоа што се жалат дека треба да биде пофункционален граничниот премин Блаце, каде нема подолг застој, но чекањето понекогаш може да биде час или два часа.

ЕУ од вчера воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од шенген-зоната. Станува збор за почеток на работа на Системот за влез/излез на Европската унија, кој дигитално ги бележи податоците за влез и излез на државјани од т.н. трети земји.

Со новите правила се укинува досегашното физичко печатирање на пасошите – контролата ќе се врши електронски, а податоците ќе вклучуваат биометриски информации: фотографија и отпечатоци од прсти. По првичното внесување на податоците, патниците ќе поминуваат побрза проверка. Некои земји ќе овозможат и самостојна контрола преку автоматизирани уреди. Системот ќе биде целосно функционален од 10 април 2026 година и треба да помогне во откривање нелегален престој и злоупотреби на документи.

Поврзани содржини