АКО ДРЖАВАТА НЕ ЈА ОПТЕГНЕ КАСАТА КО ХАРМОНИКА, ТЕШКО НАМ! Сите енергетски компании бараат повисока цена на струјата

Енергетските компании од земјава засега не откриваат колкаво поскапување на струјата ќе побараат од Регулаторната комисија за енергетика. Неофицијално, се дознава дека само голема финансиска инјекција од државта во енергетскиот сектор, од околу 250 милиони евра, може да ги спаси граѓаните од драстично поскапување на струјата во првите 6 месеци од 2022 година.

2,424

До крајот на декември мора да се донесе одлука за поскапување на струјата, брифираат познавачите на приликите во енергетскиот сектор. Сегашната цена е неодржлива.

Претходно, на последната седница на Владата во ноември, се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да понуди повисока цена на произведената струја од сегашната, која изнесува 36 евра за мегаватчас. Се зборува дека ЕСМ ќе понудат цена повисока за 10 отсто. Во цената на струјата што ја плаќаат димаќинствата ЕСМ учествува со околу една третина.






Дополнителен проблем е што ЕСМ во моментов нема доволно јаглен за производство на струја, што го прави производството несигурно. Пред два дена дојде до смена на челните луѓе на РЕК Битола и на РЕК Осломеј, но проблемите на нашите централи не се решаваат со хокеарски смени на челните кадри. Во главните енергетски капацитети подолго време не се работи домаќински и плански и сега, среде зима, производството е доведено во прашање. Апсурдноста на ситуацијата оди дотаму што една од опциите е ЕСМ да купува скапа струја на берзите за да ја продава дома, во Македонија.

Да биде маката поголема, откако МЕПСО ја доби фактурата од Европската енергетска мрежа за ненајавеното влечење на струја од преносниот систем која изнесува 18,5 милиони евра, како и трошоците за набавката на струја од над 10 милиони евра, стана јасно дека и оваа државна компанија ќе побара зголемените трошоци да ги подмири преку зголемување на цената на струјата за граѓаните.

Енергетските компании од земјава засега не откриваат колкаво поскапување на струјата ќе побараат од Регулаторната комисија за енергетика. Сите велат дека прават пресметки на трошоците за нивното работење, а зад сцената се водат преговори за тоа кој ќе го плати цехот за кризата која е последица не само на глобалната енергетска криза, туку и на лошото менаџирање во енергетскиот сектор на земјава.

На крајот, цехот секогаш го плаќаат потрошувачите. Затоа најголем интерес владее за тоа колкаво ќе биде поскапувањето на цената на струјата за домаќинствата, која би требало да важи за првите 6 месеци од 2022 година.

Упатените велат дека одговорот на ова прашање ќе зависи од тоа колку Владата ќе биде спремна да го одврзе кесето за да ја субвенционира цената на струјата за домаќинствата. Без интервенција од државната каса, цената реално би требало да биде најмалку двојно повисока од сегашната. Се разбира, реално е страхувањето дека тоа би донело до страшен социјален револт, каков што ни една влада не може да издржи.

Од друга страна, огромниот пораст на цената на струјата на берзите, како и зголемената потреба од увоз на овој енергенс, сигурно ќе ја наметнат потребата од екстремно висока буџетска инјекција во енергетскиот сектор, за да се преживее земјата. Некои велат дека станува збор за сума од околу 250 милиони евра. Дури и при ваков потег, треба да се очекува поскапување на струјата за домаќинствата, но во некои подносливи рамки.

Што е подносливо во Македонија, тоа никој не знае. Како што не се знае и тоа како ќе се плаќаат новите долгови.

 

Поврзани содржини