АКО ДИРЕКТОРОТ НА „ЕРАЗМУС“ ПРАВИ ПРОБЛЕМИ, ЌЕ ПРЕЗЕМЕМЕ МЕРКИ Јаневска очекува од Богојески да делува натпартиски
Не би можела да ја коментирам работата на директор кој е поставен пред еден или два дена. Ја слушам реакцијата и, оттука, како и сите други, ќе се следи работата на директорот. Доколку е сѐ во ред и тој е деполитизиран, ќе немаме проблем, порача министерката за образование Весна Јаневска.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека не може да коментира работа на директор кој е на функција два дена, одговарајќи на новинарско прашање за назначувањето на Петар Богојевски за раководител на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
По реакциите дека Богојески во јавноста често изнесувал антиалбански ставови, поради што вчера одлуката на Владата за негово назначување ја осуди Демократската унија за интеграција, Јаневска денеска рече ги слушнала реакциите и дека ако се појават проблеми ќе бидат преземени мерки.
– Не би можела да ја коментирам работата на директор кој е поставен пред еден или два дена. Ја слушам реакцијата и, оттука, како и сите други, ќе се следи работата на директорот. Доколку е сѐ во ред и тој е деполитизиран, ќе немаме проблем. Ако има некакви други проблеми, ќе се преземат мерки. Политичките партии имаат удел во функционирањето на Владата, но кога поставуваме функционери ги поставуваме да бидат непартиски и да си ја вршат работата за којашто се поставени и таму да организираат и да спроведуваат закони и да работат најдобро што можат – изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Економски форум организиран од „Фајнанс тинк“.
ДУИ вчера соопшти дека „најостро ја осудува одлуката на Владата за именување на Петар Богојески за раководител на Агенцијата“ и дека „именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава“.
ДУИ во реакцијата ја прозва и коалицијата Вреди (Влен), партнер во Владата, дека Богојески „со нивна поддршка е награден со водечка функција“.
Коалицијата Вреди, пак, вчера возврати дека „има изграден став за провокациите на лицето Петар Богојески“ за кого посочи дека „неретко лавира во ставовите во зависност од личните очекувања“.
„Прашањето е зошто ДУИ не го прашала Талат Џафери – како Богојески бил државен советник во Министерството за одбрана? Зошто на ДУИ не му пречеа неговите антиалбански ставови кога беа во официјална коалиција со Груевски и Мијалков?“, наведе, меѓу другото, Вреди во нивната реакција.
На осудата на ДУИ вчера реагираше партијата на Богојески – Македонски концепт, според која „ДУИ напаѓа затоа што не сака политичари кои се борат за македонските интереси“.
„Последниот напад врз д-р Петар Богојески е директен доказ дека ДУИ не сака и не прифаќа политичари кои отворено, чесно и бескомпромисно се борат за македонските национални интереси. Наместо да се соочат со сопствениот придонес кон корупцијата, партизацијата и злоупотребата на европските фондови, тие избраа да напаѓаат човек чија мисија е токму да стави крај на тие злоупотреби“, реагираше партијата на Богојевски.