АКО ЈА СКРАТИШ БРАДАТА ЌЕ ТИ ЛЕТНЕ ГЛАВАТА На берберите во Авганистан им се тресат нозете
Во наредбата испратена до фризерските салони во јужната провинција Хелманд, талибанските власти предупредија дека мора да се почитува шеријатскиот закон, кој не дозволува сечење и бричење на брадата.
Талибанците им забранија на берберите во авганистанската провинција Хелманд да ги бричат или да им ги кратат брадите на своите клиенти, заканувајќи им се со казна, пренесува Би-Би-Си.
Талибанската верска полиција во Хелманд тврди дека бричењето или кратењето на брадата ги крши исламските закони.
Некои сопственици на фризерски салони во главниот град Кабул, потврдија дека добиле слични наредби, сугерирајќи враќање на строгите правила што биле на сила за време на претходното владеење на талибанците и покрај нивните ветувања дека ќе спроведат поблага форма на државна контрола, пренесува Танјуг.
Во наредбата испратена до фризерските салони во јужната провинција Хелманд, талибанските власти предупредија дека мора да се почитува шеријатскиот закон, кој не дозволува сечење и бричење на брадата.
„Никој нема право да се жали“, се вели во соопштението.
– Талибанските борци постојано доаѓаат и ни наредуваат да престанеме да ги кратиме брадите на луѓето. Еден од талибанците ми рече дека можат тајно да ја спроведат контролата – изјавила фризерка од Кабул.
Друг фризер од Кабул, кој раководи со еден од најголемите салони во градот, рекол дека бил поканет од некој што се претставил како државен службеник и му наредил да престане да ги следи американските стилови.
За време на првото владеење на талибанците во Авганистан, од 1996 до 2001 година, тврдокорните исламисти забранија модерни фризури и кратење на брадата. Но, потоа, избричен изглед и средена коса, станаа популарни меѓу авганистанските мажи.
Берберите сега велат дека овие нови правила навистина го отежнуваат нивниот живот и заработувачка.
– Долги години мојот салон беше тука за младите да се бричат по своја желба и да изгледаат модерно, сега нема смисла да се продолжи со овој бизнис – вели еден од бербрите за Би-Би-Си.
Друг бербер во Херат вели дека никој не сака сега да се бричи, затоа што никој не сака да биде мета на талибанците, со брада сите на улица ќе изгледаат исто.
Според нив, модните салони и берберите стануваат забранети бизниси. По толку години работење, сите планираат да се откажат од овој занает, бидејќи не се чувствуваат безбедно.