ЈАКИМОВСКИ СЕ ОДЈАВИ ОД ОПШТИНА КАРПОШ Наследил 6,5 милиони евра долг, а се пофали дека остава Општина со 13 милиони евра приход
Стевчо Јакимовски одржа последна прес конференција како градоначалник на општина Карпош на која се пофали дека ја остава Општината во добра финансиска кондиција.
Тој рече дека кога на 4 ноември, 2021 година, ја презел функкцијата од неговиот претходник наследил 330 милиони денари блокирана сметка и уште една блокада од УЈП на 39 милиони денари, или вкупна блокада на 369 милиони денари, а Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони.
– На денешен ден, четири години и три дена потоа, оставам општина со: 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, судски пресуди кои уредно се сервисираат. До денес, Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари. Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход – рече Јакимовски.
Тој вели дека во моментов во Карпош се градат една висококатница, два објекта во Момин Поток и три помали објекти од пет ката.
– Ова покажува колку сме биле вешти во менаџирањето на приходите и како општина Карпош, со покачување на даночните приходи успеа да ја стабилизира општината и од неа да направи самоодржлив проект. Денес оставам: 4 проекти во тек, 12 проекти за кои се склучени договори, 4 проекти за кои течат тенедрски постапки и уште 6 проекти одобрени од Владата со вкупна вредност над 9,5 милиони евра. Нарачани се уште 10 инфраструктурни проекти, меѓу кои и катна гаража за Карпош 1 – рече Јакимовски.