Кандидатот за претседател и Лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски денеска го честиташе Денот на здравјето, денот на здравствените работници и рече дека како претседател ќе инсистира во делот на надворешната политика.
Прво, за јакнење на нашите позиции во НАТО-структурите и заложба за малку поголем респект и малку повеќе почит и кон државата и кон граѓаните на Република Македонија, како од НАТО, така и од нашиот стратешки партнер САД, рече Јакимовски.
– Исто така, продолжуваме на патот кон Европската унија, сѐ што треба реформи да правиме, ќе правиме, но со јасно ставање до знаење на Европската унија и на сите членки дека Република Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако до тогаш не бидеме примени, ние не сме подготвени повеќе да седиме пред вратите на Европската унија, таму застануваме, а не се откажуваме од европскиот пат но тогаш ќе бараме сопствен пат за развој на Република Македонија, а пред сѐ за носење на инвестиции и за отворање на работни места, затоа што ваквата нивна политика со сѐ нови и нови барања, со долгогодишни притисоци врз јавноста, врз нас Македонците, практично ни ги исели нашите деца и ние останавме во празна држава – рече Јакимовски.
Тој рече дека ќе се залага пред сѐ јакнење на економската дипломатија и особено јакнење на економската дипломатија во земјите кадешто имаме силни трговски врски, но во исто време ќе инсистира Македонија да подготви проекти за најмалку 50 милијарди евра со коишто ќе се побараат директни странски инвестиции во нашата држава.
– На таков начин ќе се подигне економијата, ќе се отворат нови работни места, ќе се зголеми бруто-општествениот производ, но во исто време и да се подготви државата за обновата во Украина – истакна Јакимовски