АКЦИЗАТА ЗА ДИЗЕЛОТ СЕ НАМАЛУВА ЗА 4, А ЗА БЕНЗИНИТЕ ЗА 2 ДЕНАРА Мицкоски најави нов рок за намаленото ДДВ за горива

Премиерот изјави дека ќе продолжат преговорите со Окта за ново продолжување на попустот за горивата даден на продавачите на горива.

133

Исполнети се условите да ги намалиме акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините за 2 два денара по литар, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски од Општина Илинден.

Тој информира дека за утре во 11 часот веќе е закажана седница на Владата за да се донесат мерки за заштита од поскапувањето на горивата.






-Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека но сигурно истекува попустот што го дава Окта од 3 денари за дизелот ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот и понатаму. Доколку го продолжат понатаму ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку Окта го продолжи попустот од два денара за литар тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините – изјави Мицкоски.

Намалената акциза, како што рече, ќе влијае со десетици милиони евра на Буџетот, но додаде дека во Буџетот има доволно средства заради домаќинското работење.

Мицкоски најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10%, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме.

Поврзани содржини