📷 АКЦИЈАТА ЈА ГЛЕДАВ КАКО ДА Е ТВ-ШОУ Трамп во живо следел сѐ од апсењето на Мадуро
Трамп и највисоките американски функционери во реално време ја следеле операцијата „Апсолутна решителност“, која заврши со апсење на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека операцијата на американските сили во Венецуела ја следел „од час во час“, опишувајќи ја како да гледа „ТВ-шоу во живо“.
Трамп на прес-конференција во Мар-а-Лаго, Флорида, пред новинарите изнесе детали за акцијата, по што се огласи и на својата социјална мрежа „Truth Social“, каде објави фотографии од просторијата. На нив се гледа како тој, заедно со неговите најблиски соработници, во реално време ја следи операцијата во Венецуела. Истите фотографии подоцна ги објави и Белата куќа на платформата „X“.
Покрај Трамп, на фотографиите се забележуваат државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и други високи американски функционери, со сериозни и напнати изрази на лицето додека трае акцијата.
Операцијата, под кодното име „Апсолутна решителност“, заврши со апсење на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, неговата сопруга и син, како и уште три лица од неговото најблиско опкружување.
Според официјални информации, Мадуро бил префрлен на американскиот воен брод „УСС Иво Џима“, од каде е транспортиран до американската база во заливот Гвантанамо на Куба, а потоа во Њујорк, каде што треба да се соочи со судски процес.