Преминот од средното училиште кон универзитетско образование е период на големи одлуки за секој млад човек. Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје е една од ретките образовни институции во земјава каде секој средношколец во текот на едукативниот процес има пристап до академски советник, со чија помош ќе може да направи избор на својата идна академска дестинација, како и потенцијална професија. Ирена Филкова и Олгица Ѓорѓевска се дел од тимот на академски советници во „Нова“ кои во текот на целата учебна година постојано соработувааат со учениците.
– Оваа професија е комплексна и опфаќа повеќе елементи. Во кратки црти, советниците одблиску го следат академскиот успех на учениците, ги советуваат за најсоодветниот избор на предмети во согласност со нивните интереси, таленти и академски профил, ги информираат за процесот на аплицирање на факултетите во странство и ги водат низ него. Академскиот советник функционира како главен застапник на учениците, од подготовка на препораки при аплицирањето на факултет, до тесна соработка со професорите и родителите како партнери во процесот. Соработката со колегите академски советници како и универзитетските преставници од странство е исто така клучна – објаснува академскиот советник Ирена Филкова.
Професија со меѓународно искуство
Во нашата земја, за жал, нема стручна подготовка за оваа професија, но сите академски советници во „Нова“ се имаат здобиено со меѓународно искуство.
– Нашето работно место е комбинација на високо образование со познавање на јазик, култура и комуникација. Јас сум професор по англиски јазик и литература со повеќегодишно искуство во меѓународно образование и советување на ученици како дел од невладин сектор за образование и култура. Покрај учество на тренинзи, обуки и конференции, еден интересен елемент од нашето надградување е посетата на универзитетски кампуси каде добиваме искуства од прва рака – истакнува академскиот советник Олгица Ѓорѓевска.
Олгица Ѓорѓевска
Ирена Филкова посочува дека часовите со академските советници се дел од редовниот распоред на учениците во „Нова“.
– Надвор од нив, учениците закажуваат со нас и индивидуални средби бидејќи имаат потреба од академска поддршка, не само при аплицирање на летни школи и факултети, туку и при советување за изборот на предмети и академскиот успех. Голем дел од учениците ги користат придобивките од пресонализираната поддршка бидејќи не мора да го минуваат тој процес сами и можат да добијат информации и помош од прва рака – посочува Ирена.
И Олгица истакнува дека учениците имаат многу придобивки од овие структуирирани часови по советување.
– Во тој контекст, ние остваруваме соработка со училишниот психолог, координаторот за помош на заедницата, или професорите кои ни помагаат во целокупната поддршка на учениците. Од тие коишто се исклучително успешни до тие што имаат потреба од помош за проблеми што се рефлектираат и на нивниот академски успех – појаснува Олгица.
Секоја генерација со различни амбиции
Ирена и Олгица посочуваат дека секоја генерација е различна во однос на амбициите за тоа каде ќе студира.
– Генерално најпосакуваните дестинации за студирање се: Холандија, Обединетото Кралство, САД, Италија, Германија, Австрија и Словенија. Има интерес и за континентална Европа, како Унгарија и Чешка, соседните Грција и Бугарија, како и во помал број Канада, Австралија и Азија – посочува Ирена.
Ирена Филкова
Олгица истакнува дека покрај продолжување на високото образование во странство, учениците аплицираат и на летни школи, пракса и волонтирање.
– Ваквите искуства им овозможуваат да го збогатат своето знаење за одреден предмет, да научат нешто ново, да излезат од својата комфорна зона. Повеќето од тие школи на кои аплицираат учениците се во Англија, Италија, Германија, САД и други земји – вели Олгица.
Персонализирана програма за секој ученик
Во гимназијата „Нова“ се спроведува сѐопфатна програма за академско советување со посебно дизајниран курикулум за сите четири години од гимназиското образование.
– Секој академски советник води две генерации на ученици во текот на нивното целокупно средношколско образование, значи од моментот на запишување па сѐ до матурирањето. Распоредот на учениците вклучува посебни часови за академско советување каде се работи во групи на неделна основа, како и поединечни средби – појаснува Ирена.
Олгица се надоврзува дека секоја генерација следи план и програма следствено на нивото и вештини кои треба да ги стекнат таа година.
– На самиот почеток во средно училиште ќе започнат со теми за подобрување на нивното академско планирање, стратегии за учење, пишување академски биографии, понатаму ќе работаат на подобрување на техники за мотивациони писма, есеи, информации и подготовка за полагање на приемни тестови. Во последните две години од средното образование фокусот е насочен конкретно на подготовка за аплицирање на универзитети, чекорите кои се постапни за различни универзитетски дестинации, идентификување на потесен избор на високо образовни институции како и подготовка на документација за да се отпочне процесот на аплицирање – појаснува Олгица.
Двете велат дека нивниот контакт со учениците не завршува откако ќе си заминат од „Нова“ и дека контактираат со нив и се обидуваат да им го олеснат образовниот процес преку своите совети.