Аирс’с… дружина!

Oстана уште некој да му честита на Избраниот? ДААА! - Новата американска амбасадорка која не ја чувме да се огласи... да честита... укори, или преземе некоја чинидба за типично коруптивниот криминален изборен чин кој не е за занемарување, односно забошотување. Тоа очекување е поради надежта која ни ја влеа кога како нова гувернанта дур од Америка се силеше, а при предавањето на акредитивните писма, одлучно повтори дека ќе се залага за „одговорност на корумпираните политички актери во Македонија, борба против корупцијата, подобрување на владеењето на правото...“.

1,506

Воспоставениот систем на владеење ѝ овозможува на криминално специјализираната дружина ДУИ, несметано од никого во продолжение да се однесува како УЧК, иако не е во планина. Како пајак, не престанува да ја доплетува својата мрежа околу сите опстојни структурални калкани во државата. Никој не може да ја спречи. Сѐ додека трае овoј систем (оставам како сакате да го наречете), ќе трае и дружината ДУИ.

Од разбирливи причини, како секој мафијашки клан, паралелно гради и свој одбранбен бастион, а тоа значи – покрај судовите во кои на клучните позиции доминираат нејзините кадри, и криминалниот прогон во државава – обвинителството, ЦЕЛОСНО да биде под нејзина контрола, за да може себе да се заштити од сопствениот криминал, а да прогонува кого сака.






Затоа, планирано ИЗБРАНИОТ главен обвинител… го најави на време – НИВЕН, Албанец…!, за дефинитивно да се стави крај на криминалот и корупцијата“! Каква надеж и олеснување влеа кај народот овој дрско образложен настап на организираната мафија, допрва како благодет ќе го почувствуваме со преминот – од збор на дело.

Намесникот и неговата панаѓурска тајфа, кои со изборот се заштитени од прогон исто како мечките на ДУИ, од пусти страв дан’ им се заканат… па да ги снема од власта, договорно прифатија тоа што не смееја, па продолжија како соучесници на новоотвореното поглавје за дефинитивно приграбување со рушење и на правосудниот систем во државата. Не е во прашање албанизација на судството, туку ДУИЗАЦИЈА, бидејќи, ниедна друга албанска партија не може да намести свој кадар, посебно на одговорните места кои сега – засега се целосно пломбирани од ДУИ, ако со метанија не помине по нејзиното контролно сито.

ДУИ продолжува по добро трасираниот дваесетгодишен калдрмисан пат и топ не ја бие! Сѐ додека ѝ слугуваат Македонци – предавници, за мазен газ! Си обезбеди гласови и за наредните избори, а со самото тоа и место во идната власт, со перманентно вработување свои партијци и тоа од Ојлевци до Дојлевци, на сите клучни места во државните институции.

Но тоа не е крај на нејзината чекорница. Следно што ѝ треба е нов начин на избор за претседател на државата, во Собрание. Таму лесно ќе може да уцени, како и секогаш, секоја македонска партија која коалицира со неа. Кога веќе имаме незаконски избран, а прифатен претседател на Собранието, „втор“ премиер како тринаесетто прасе, најважните министерства со кои управуваат „кадри“ како со приватни компании…, зошто иден претседател на државата да не биде – вака или онака, некој од ДУИ?

Џабе џавкаме. Дур се овие здружени коалициони визионери и идејно богати (посебно материјално) криминалци на власт, нема да дозволат нешто да се случи надвор од нивниот план. Ќе биде „како и досега“! Во затечено незаконско практикување во управувањето со државата, и друга партија да дојде на власт само ќе го смени субјектот, а начинот на владеењето ќе остане ист. Може да се искастрат гранките на веќе старото дрво, но тие одново ќе пуштат лисја, бидејќи коренот е длабоко нурнат во земјата. Така зборувам затоа што така беше од осамостојувањето до сега.

Да ви кажам пример: Во гимназиските денови, професорот по историја откако ни ја предаде лекцијата за робовладетелството… нѐ праша: „Деца, дали знаете зошто робовладетелството траело со векови иако имало толку многу бунтови…?“

Никој не знаевме да одговориме. Тогаш професорот Карга ни рече: „Запомнете! Сите водачи на востанијата и бунтовите се бореле да го сменат владетелот и да дојдат на неговото место. Никој од нив не се борел да го смени – укине робовладетелскиот систем…“.

Преку четириесет години поминав во судството, од приправник, стручен соработник, судија и адвокат, и можам да кажам дека одлично го познавам. Иако сум повеќе од дваесет години (со прекин) колумнист, за судството не пишувам и не ми е убаво да го напаѓам. Само со жалење ќе речам дека денешните судии и обвинители не спроведуваат политика на државата и не се самостојни како што им налага ценетата професија. Станаа зависни послушници на партиите на власт и го изгубија личното и професионално достоинство.

Затоа, гледајќи го на прес-конференцијата ИЗБРАНИОТ како се поти и пелтечи, искрено, без да го коментирам неговото – „…бев во постојан контакт со колегите…“ го изжалив што е наместен… и немоќен како кабаетлија обвинет без адвокат. Но и за осуда е, бидејќи самиот се смести во криминалната фела кога прифатил да биде ПОКРОВИТЕЛ на мафијашката стреа, на тие кои го наместија на баш местото, за и понатаму „како досега“ во нашето распашано, ама лично „општество за сите“, како во крчма да се гоштеваат со тоа што не е нивно, што го крадат и распродаваат за да владеат.

Ова последното се однесува на сите партии кои до сега биле на власт од осамостојувањето на Македонија, до денес. Страшно е што тоа продолжува… Не зборувам „напамет“. Како пратеник сфатив и научив многу работи, на кои се смеев кога го слушав мојот искусен Татко како со пријателите муабети: „… море да му е.. мајта! На овај свет вреди да се курваш дур те бива, а да не трошиш време за политика, затоа што таа е вечита курва… која ако те дофати…“.

Тие што имаа обврска да ја коментираат и осудат неправилната и неморална изборна постапка на Избраниот, ја прескокнаа. Го прифатија изборот и го окуражија ново-тронираниот борец, барајќи да му се даде шанса?!, да докажел дека има интегритет… енергија.! Глупости чаршиски издрндани од полтрони наредени како покакани кокошки на челни места во државата. Понатаму од носот не ги интересира и не сакаат, ниту да гледаат. Таков е и Главниот во „независниот“ Советот на обвинители кој тајум успешно се испазари и како претприемач ја заврши преземената изборна обврска. Морон! Заедно со другите морони од градовите и од Советот, покажаа дека се збирштина од отпад во правосудниот систем, платенички тим, кои со ракавите си ги бришат мрсулите додека ја урнисуваат државата за лична корист.

И Намесникот му го честита изборот на новосместеното Божје чедо… додека во Струмица држеше говор како е горд што е продолжен кабел на најголемиот злочинец во историјата на Македонскиот народ. Е, еее! Од такви Абдали, кои се управувани со продолжени кабли, македонскиот народ го тресат струјни удари, со трајни последици.

Да кажам и ова: Сѐ што се случува со македонската држава и комплетното судство, е копија, од времето во Косово, кога во бурбатењето пред случувањата, предавнички учествуваа самите Срби, како сега ние Македонците…

Како адвокат често бев присутна во приштинскиот суд, затворот во Митровица и затоа правам слободна споредба: Начинот на одвивањето на судските постапки и воведувањето албански кадар и албански јазик со потиснување на српскиот јазик со сѐ српските кадри, во косовското судство, сега полека како заодено дете лази и во македонското судство. Србите молчеа како риби и активно учествуваа со отстапки во својата погубност, исто како сега Македонците. Јас после едно судење како револт пишав писмо во дневен српски весник, со наслов Никогаш повеќе на суд во Косово! Но, и сега сакам само да кажам – така и во Косово, со однадвор закачена арка почна како сега кај нас, а заврши како што знаеме. На Србите им остана да ја пеат песната „Ко да ми узме моје Косово“, а ние не знам која песна ќе ја пееме!?

Да се вратам на темата – остана уште некој да му честита на Избраниот? ДААА! – Новата американска амбасадорка која не ја чувме да се огласи… да честита… укори, или преземе некоја чинидба за типично коруптивниот криминален изборен чин кој не е за занемарување, односно забошотување. Тоа очекување е поради надежта која ни ја влеа кога како нова гувернанта дур од Америка се силеше, а при предавањето на акредитивните писма, одлучно повтори дека ќе се залага за „одговорност на корумпираните политички актери во Македонија, борба против корупцијата, подобрување на владеењето на правото…“.

Се сомневам дека е заинтересирана да преземе било што. Напротив, можно е акцијата да е изведена со нејзина поткрепа. Каква корупција, каков криминал…?! Неа ја интересира единствено тоа што Америка ја засега. А, ние? Ќе ѝ бидеме јажето ама и половина околу кое ќе го стегаат, како што рече – „…за отпор на малигните надворешни влијанија, вклучително од Кина и Русија..!“.

Јас ја поздравувам американската амбасадорка и ѝ посакувам добредојде со мислата на М. Твен: „Прекрасно било пронаоѓањето на Америка, но уште подобро ќе било да ја промашеа“.

Поврзани содржини