Ахмети првпат ќе дојде на Мечкин Камен за 2 Август, Пендаровски го очекува и Мицкоски
Претседателот Пендаровски со прославата на 2 Август сака да испрати порака за обединување, наместо поделби.
Претседателот на државата Стево Пендаровски нема да држи политички говор за 2 Август на Мечкин Камен, а за првпат на оваа манифестација ќе присуствува лидерот на ДУИ Али Ахмети. Пендаровски денеска на брифинг со новинарите соопшти дека ја менува традицијата по 30 години со цел да се избегнат поделби.
Централната манифестација ќе се одржи во 18 часот наместо на пладне, со цел сите други политичари кои ќе го одбележат празникот на други локации да можат да присуствуваат. Поканети се сите парламентарни партии.
Ова ќе биде првпат Ахмети да дојде на Мечкин Камен за 2 Август. Досега само Ахмети и премиерот Зоран Заев го потврдиле присуството. Претседателот на државата вели дека во Крушево го очекува и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од опозицискиот лидер засега нема потврда дали ќе присуствува.
На манифестацијата поканет е и добитникот на олимпискиот медал Дејан Георгиевски. Тој заедно со Пендаровски и со неговите тренери треба да оди напред на колоната.
Премиерот Зоран Заев за 2 Август ќе биде на Пелинце, додека претседателот на Собранието Талат Џафери Илинден ќе го одбележи во Скопје.
Шефот на државата преку видеообраќање ќе го честита празникот.
– Сакаме да дадеме мал пример за обединување – рече Пендаровски.
Манифестацијата ќе трае 1 час. Ќе ја отвори актерот Никола Ристановски со пораки за Илинден, потоа ќе настапат ансамблот „Танец“ ансамблот на албански народни песни и ора, Влатко Стефановски, а манифестацијата ќе се затвори со маршеви кои ќе ги отсвири воениот оркестар.