Ахмети на „хот лајн“ со Заев и со Мицкоски – ќе се договорат ли изборите преку телефон?

Од ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално, 5 јули е неприфатлив датум за избори. Од таму велат дека нивниот став е непроменет.

1,360

Лидерот на ДУИ Али Ахмети не се исклучува денеска телефонски да се слушне со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Хрстијан Мицкоски, за лично да ги убеди дека 5 јули е оптималниот датум за одржување на предвремените парламентарни избори, брифира за Плусинфо висок функционер на ДУИ.

Роковите за договор за датумот на изборите газат, бидејќи во сабота истекува вонредната состојба и ако партиите не договорат нов датум за избори, а претседателот на државата Стево Пендаровски не прогласи нова вонредна состојба, тогаш гласањето, според најавите на власта, ќе биде на 21 јуни.






Од кабинетот на шефот на државата велат дека утре или во сабота претседателот Стево Пендаровски ќе го закаже Советот за безбедност оти во сабота на полноќ истекува вонредната состојба. Од таму велат дека засега нема никаков сигнал од партиите за договор за датум за избори за Пендаровски евентуално да закаже нова лидерска средба.

– Блиску сме до консензус изборите да се одржат на 5 јули. Се чека на ВМРО-ДПМНЕ. Има комуникација и меѓу партиите, и со меѓународните претставници и со ОБСЕ/ОДИХР. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво оправдување ако не прифати изборите да бидат на 5 јули. Предлогот изборите да бидат на 5 јули е консензуален ако се знае дека СДСМ инсистира на избори на 21 јуни, а ВМРО-ДПМНЕ на крајот на јули. Компромисот е да се најдеме на половина, а тоа е 5 јули. ВМРО-ДПМНЕ ќе нема аргументи ако одбие бидејќи има 35 дена за прочистување на избирачкиот список, екот на пандемијата ќе стивне и граѓаните нема да се заминати на одмор – вели функционерот на ДУИ.

Брифинзите се дека доколку партиите се усогласат за изборниот датум, на 30 мај, денот кога истекува периодот на вонредната состојба, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја измени и дополни одлуката за распишување на изборите од 12 април на 5 јули и со тоа ќе почнат да течат изборните рокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално, 5 јули е неприфатлив датум за избори. Од таму велат дека нивниот став е непроменет. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски вчера само потврди дека меѓу партиите има канал на комуникација, но не прецизира дали е можно да дадат пас изборите да бидат на 5 јули. Тој рече дека доколку има договор и кога ќе има договор ќе ѝ го соопштат тоа на јавноста. Мицкоски останува на ставот дека датумот за предвремените избори треба да биде донесен со консензус на сите политички партии кои биле на првата лидерска средба кај Пендаровски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев преку видеообраќање повтори дека на земјава ѝ се потребни избори во првиот можен термин. Впечатливо е дека во јавните настапи функционерите од СДСМ не споменуваат датум за избори. Ова, како што веќе објавивме, Ахмети го чита како согласност изборите да се одржат на 5 јули.

Поврзани содржини