Ахмети го „тепа“ Заев 7:0 за пописот на дијаспората
Додека министрите и лидери на партиите на Албанците буквално бомбардираат со објави и видеа на официјалните фејсбук страници за попишување на албанската дијаспора, во македонскиот блок едвај по некоја објава и повик за попис на иселениците.
Министрите Македонци и Албанци и за пописот на иселениците кој е во тек, функционираат како два различни света. Тоа важи и за лидерите на македонските и партиите на Албанците и од власта и од опозицијата. Додека министрите и лидери на партиите на Албанците буквално бомбардираат со објави и видеа на официјалните фејсбук страници за попишување на албанската дијаспора, во македонскиот блок едвај по некоја објава и повик за попис на иселениците.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во македонскиот блок е најактивен со повици за пописот, сепак владиниот партнер Али Ахмети го фрла во сенка кога станува збор за објави, апели и видеа за самопопишувањето на албанската дијаспора. Кај Заев има четири-пет објави за пописот, но нема ниту едно видео за регистрацијата на иселениците, додека Ахмети има постирано 7 видеа и неколку објави.
Последната објава на фејсбук страната на Заев со повик за попис на иселениците датира од 19 март, каде тој информира дека повеќе од 82.000 наши државјани од дијаспората ја искористиле можноста да се самопопишат со што придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината.
„Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се! На тој начин ќе знаеме како да ги подобриме услугите на дипломатско-конзуларните претставништва, но и ќе можеме да го искористиме потенцијалот на дијаспората за развојот на Северна Македонија и за промоција на земјата во светот. Самопопишувањето е многу едноставно, а личните податоци се целосно и најстрого заштитени“, напиша во повикот Заев.
Најтазе објава од пред два дена има министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Таа потенцира дека за прв пат од осамостојувањето на нашата земја, иселениците добиваат шанса да се попишат.
„За само 10 минути, преку едноставна апликација, можат да влијаат врз политиките кои ќе се креираат за наредните 10 години. Пописот е чиста статистичка операција од чии резултати ќе знаеме точно колку сме, каде сме и од каде сме. Од економски аспект, важно е да се знае дали нашите иселеници имаат некакви инвестиции во земјата, дали располагаат со имот во државата, дали имаат фамилии во татковината за кои тие се грижат и материјално ги помагаат“, напиша Шахпаска.
И таа ги повикува иселениците, целата дијаспора, сите на кои татковината им е важна, да се попишат и со тоа да придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот на оние кои живеат во оваа земја.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска има објава, но дека се попишале припадниците на Армијата кои престојуваат на „Криволак“. Нема повик за попис на иселениците.
Апели за самопопишување на дијаспората нема на фејсбук страниците на министрите Оливер Спасовски, Никола Димитров,, Венко Филипче, Бојан Маричиќ, Благој Бочварски…
Но впечатливо е дека речиси сите министри на СДСМ упатија честитки на реизборот на Зоран Заев за лидер на партијата, објавија дека гласале и се пофалија дека успешно поминале првите директни внатрепартиски избори за претседател.
Интересно е и дека насловните страници на Фејсбук профилите на дел министри на СДСМ се токму за внатрепартиските избор, за разлика од министрите на ДУИ каде насловните страници се за пописот на иселениците.
Во ДУИ пак речиси и да нема министер кој на Фејсбук не повикува за самопопишување на иселениците. Од увидот што го направивме, министрите за финансии и за животна средина, Фатмир Бесими и Насер Нуредини не се занимаваат со пописот. Наспроти нив страниците на Фејсбук на Артан Груби и на Бујар Османи се преплавени со објави, видеа и повици за пипис на албанската дијаспора. Објави за пописот има и министерот за економија Крешник Бектеши.
„Нашата дијаспора историски се докажа во најважните процеси низ кои помина нашата земја, како што се докажува денес во процесот на попис на населението“, напиша Бектеши.
Кај лидерите на партиите ситуацијата е еднаква како кај министрите.
Заев од време на време потсетува дека во тек е попис на иселениците и повикува тие да се самопопишат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук апелира на одложување на пописот поради екот на пандемијата на коронавирусот.
Наспроти нив, лидерите од албанскиот политички блок Али Ахмети, Билал Касами, Зијадин Села секојдневно повикуваат на попис на иселениците.
Насловната страница на фејсбук профилот на Ахмети е во знакот на пописот. Тој објавува видеа и повици за самопопишување. На едно од постираните видеа Ахмети пишува „Од кога сонцето ја грее оваа земја… Заедно сме повеќе, попиши се“.
Лидерот на владеачката Беса Билал Касами објави видео за пописот под кое напиша: Попишете се денес како бројка, за утре да да бидете достојни.
Во објава за пиписот Касами порачува:
„Почитувани сонародници, почитувана миграција, вие сте дел од нас. Во најважните историски моменти за процесите на родниот крај, покажавте храброст и пожртвуваност за нашиот роден крај. Вие сте нераскинлив дел од нас и духовно поврзан со сè што се случува во нашата земја. Затоа, не пропуштајте ја шансата што се нуди со попишувањето на интернет. Со попишувањето докажувате дека дијаспората не е само бројка туку била и ќе биде поентата на секој политички, економски, културен и развоен процес на нашата земја. Се попишувам, значи постојам!“
И опозиционерот Зијадин Села преку видео ги повикува иселениците да се попишат. Тој пишува: „Попишете се, бидете дел од вашиот роден крај затоа што се автохтони“.
Неговиот коалициски партнер од Алтернатива Африм Гаши порача, како ќе изгледа државата во иднина во многу ќе зависи од тоа дали иселениците ќе се попишат.
„Почитувани мигранти, сестри и браќа, на 1 март започна процесот на попис на населението за мигранти. Затоа, ве молам сериозно да го сфатите и да се регистрирате сите кои имате државјанство на Северна Македонија. Вашата регистрација за вкупниот број на население во нашата држава е од голема историска важност и сериозна политичка тежина. Како ќе изгледа нашата држава во иднина, тоа зависи многу од вашиот попис“, напиша Гаши.
И додека функционерите од македонскиот политички блок подзаспаа за пописот на иселениците, политичарите од албанскиот блок кампањата за самопопишување ја преселија и надвор од границите на Македонија, во Косово и во Албанија. Речиси сите битни политички фигури од Тирана и од Приштина повикаа да се попише албанската дијаспора. Во кампањата влегоа и познати новинари од Албанија како водителот на емисијата „Опиниони“ Бленд Февзиу. За самопопишување на иселениците повикува и Советот за координација на албанската дијаспора.
За пасивноста на министрите од македонскиот блок за пописот од Владата го повторија ставот дека секој повик за поддршка на пописот е плус придонес кон успешноста на оваа статистичка операција.
– Ги повикуваме сите политички чинители најгласно што можат да испратат порака за поддршка на пописот како сопствен највисок чин на одговорност и придонес кон оваа исклучително важна државна статистичка операција. Секој граѓанин треба да учествува во пописот и да придонесе кон неговата популаризација. Очекуваме пораката за задолжително попишување да ја испратат сите домашни политичари. Пописот е операција околу која треба сите да се обединиме за тој да биде спроведен успешно – повторија од Владата.
За неактивноста на министрите од СДСМ за пописот од партијата велат дека сме ја погрешиле адресата.
– Мислам дека е погрешна адресата за ова прашање. За бојкот и одложување на пописот работат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, СДСМ силно го поддржува и го промовира – вели Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.