Ахмети ќе проба да ги убеди Заев и Мицкоски дека 5 јули е најдобриот термин за избори
Двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ официјално не отстапуваат од своите позиции - првите дека краен рок за изборно соочување е 28 јуни и вторите дека изборите треба да бидат во август или во септември. Сепак, неофицијално можно е партиите да се договорат изборите да бидат во јули, но кон средината на месецот.
Ќе биде ли јули компромисниот месец за одржување на предвремените парламентарни избори ќе биде појасно кон крајот на неделава кога завршува и втората вонредна состојба прогласена од претседателот на државата Стево Пендаровски, секако ако тој не прогласи нова во зависност од ситуацијата со новозаразените од ковид-19 која не стивнува.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети на маса го става 5 јули како логичен термин за одржување на изборите со што би се запазиле законските рокови.
Двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ официјално не отстапуваат од своите позиции – првите дека краен рок за изборно соочување е 28 јуни и вторите дека изборите треба да бидат во август или во септември.
Сепак, неофицијално можно е партиите да се договорат изборите да бидат во јули, но кон средината на месецот.
Од тоа дали во меѓусебната комуникација партиите ќе се договорат за месецот и за датумот за избори ќе зависи и дали претседателот Пендаровски ќе свика нова лидерска средба.
– Согласно околностите и очекувањата на граѓаните, но и на нашите меѓународни сојузници кои очекуваат кредибилно демократско избрани и одговорни институции, краен логичен термин за можно одржување на изборите би бил 5 јули. Тоа овозможува запазување на сите законски рокови за спроведување на изборниот процес – велат за Плусинфо од ДУИ.
Ова, според извори во ДУИ сѐ уште не е договорено, но тие сметаат дека сите партии ќе се согласат на 5 јули да бидат изборите. Во корпусот партии кои би дале согласност за јулски избори, според интегративците, би биле СДСМ, Беса, ДПА а ќе треба да се убедат ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците.
Од партијата брифираат дека нема потреба Пендаровски да свика нова лидерска средба за терминот за изборите. Според нив, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го поништи решението изборите да се одржат на 12 април и ќе донесе ново решение изборното соочување да биде на 5 јули, па, како што велат, кој сака нека оди на избори.
Дека јули е месецот во кој Македонија ќе оди на избори, вчера го спомена и вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти.
Од СДСМ повторуваат дека ако до крајот на неделава нема договор за датум за избори, изборите ќе бидат на 21 јуни. Краен рок за одржување на изборите е 28 јуни, за како што велат оттаму, тие да бидат според Уставот и законите.
Од партијата на Зоран Заев велат дека лидерска ќе има ако партиите се договорат за датумот за избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во интервју во емисија „Клан Дебата“ рече дека крајот на август, почетокот на септември можеби би биле добри дати за одржување на изборите од позиција на заштита на здравјето на граѓаните
Од партијата велат дека тешко би се стасало на избори да се оди на 5 јули, со оглед на ситуацијата кај нас со пандемијата. Неофицијално, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во јули би можело да се оди на избори, но во втората половина. Од таму велат дека можеби добро би било да се одреди датум, да речеме од утре и да се следи состојбата на новозаболени од ковид-19 во наредните 14 дена. Доколку по истекот на две недели бројот на нозвозаболени е под 10, тогаш да се одреди датум за избори. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека според последната позиција на шефот на државата Пендаровски, очекуваат лидерска средба за датумот за изборите да има само ако партиите ги приближат ставовите.
Јули како месец за избори е прифатлив за Алијансата за Албанците, но повеќе втората половина на месецот. Од таму велат дека дотогаш ќе се стабилизира и ситуацијата со пандемијата и битно е да се отворат границите за да може и дијаспората да дојде во државава и да гласа.