Ахмети ќе го одврзе ќесето за одбраната на ексофицерите на ОВК во Хаг
Засега нема информации дали некој друг од поранешните учесници од Македонија во војната во Косово ќе даде пари, само извесно е дека ексгенералот Гзим Острени сака, ама има мала пензија, па не може да им помогне на екссоборците.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети финансиски ќе ја помогне одбраната на поранешните соборци и офицери на ОВК од војната во Косово, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, а сега обвинети за воени злосторства пред судот во Хаг, потврди за Плусинфо генералниот секретар на ДУИ и прв вицепремиер Артан Груби.
Засега нема информации дали некој друг од поранешните учесници од Македонија во војната во Косово ќе даде пари, само извесно е дека ексгенералот Гзим Острени сака, ама има мала пензија, па не може да им помогне на екссоборците.
Од ДУИ не откриваат колку пари Ахмети ќе донира за одбраната и дали евентуално ќе ги мобилизира екссоборците како и бизнисмени од Македонија да го одврзат ќесето за врвни адвокати да ги бранат Тачи, Весели, Селими и Красниќи во Хашкиот суд.
Ахмети во емисија на косовската радио и телевизија повика Косово да се мобилизира и да ги поддржи поранешните лидери на ОВК и тоа како што вели, не со изјави и соопштенија, туку финансиски, бидејќи процесот носи големи трошоци. Тој вели дека во судскиот процес се вклучени најпознати и најдобри адвокати.
– Бидејќи процесот не е лесен, ангажирани се адвокати со висок кредибилитет и добро познати. Овие луѓе заслужуваат државата да застане зад нив, бидејќи тие направија многу за државата. Овие луѓе се коосновачи со многу други луѓе кои денес се и на власт и во опозиција. Сакам силна солидарност, дури и преку финансиски средства, бидејќи цената е висока – рече Ахмети за РТК.
Поранешниот генерален секретар на ДУИ и меѓу своите познат како „генерал“ Гзим Острени за Плусинфо вели дека би сакал кога би можел да даде финансиска поддршка за поранешните соборци од Косово, но дека нема можности за тоа.
– Живеам со пензија од 350 евра, немам други приходи и не сум во можност финансиски да помогнам за одбраната, иако би сакал. Треба да помогнат тие кои можат, бидејќи паричната помош за адвокатите не влијае на конечната одлука на судот, туку за да се помогне на процесот, кој веројатно многу чини. Може да помогнат бизнисмени од тука но и од албанската дијаспора – ни изјави Острени.
Тој во својство на сведок во 2005 година беше повикан од Хашкото обвинителство за случајот „Љуботен“ да сведочи против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски.
Ахмети, Острени, но и Фазли Велиу, како и поранешните пратеници Хазби Лика, Рафиз Алити, Зулфи Адили, Ружди Матоши, Џезаир Шаќири-Хоџа како и Кодране Дарлишта беа во редовите на ОВК, а потоа и на ОНА во војната во Македонија.
Ахмети во септември беше повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК за перидот 1998 – 2000 година.
Острени бил началник на третата оперативна зона, која тогаш била под раководство на Рамуш Харадинај, како и командант на заштитниот корпус на ОВK.
Според законот за воени ветерани на ОВК од 2014 година, и поранешните борци од Македонија во косовската војна беа на списокот за пензии, односно Ахмети, Острени и другите требаше да добијат косовски пензии за учеството во ОВК во 1999 година.
Извесно е дека врхушката на ОНА, односно Ахмети и Острени не добија пензии бидејќи условот беше тие да немаат други примања. Но, затоа сите учесници во војната во Косово од Македонија беа одликувани со медали.