АГРЕСИЈАТА ВРЗ УКРАИНА ПОКАЖА КОЛКУ Е ВАЖНО ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО Претседателот Пендаровски за актуелните безбедносни и економски проблеми
Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата. Тоа го направивме не само затоа што сме членка на НАТО, туку затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга - рече Пендаровски.
Тој истакна дека по агресијата врз Украина на многумина им е појасно колку е значајна евроатланската перспектива и подвлече дека е исклучително значајно таа засилена кохезија и интересот на Европската Унија за регионот да продолжи и по што поскорото, завршување на руската агресија врз Украина.
– После 21 години чекање да станеме дел од Алијанската убедени сме дека членството во НАТО е најголемиот стабилизирачки фактор во регионот и пошироко. Она на што во наредниот период ќе мора многу повеќе да работиме, при тоа мислам и на политичките институции и на безбедносните експерти, се безбедносните ризици кои ни ги носат хибридните закани. Мислам дека на таа тема како земја ќе ни треба исклучително брзо прилагодување. Потребен ни е адаптабилен систем кој брзо ќе фаќа чекор со новите начини на хибридно војување. Тоа подразбира инвестирање не само во средствата за традиционално војување, туку и во најновите дигитални технолошки алатки и во стратешките комуникации неопходни за поголема отпорност кон дезинформациите, порача претседателот Пендаровски.