ЈАГМА ОД ИНВЕСТИТОРИ ВО ОДБРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА Месечно се јавуваат по неколку компании, вели министерот за одбрана
Добро е што има компании што сакаат да дојдат во Македонија, бидејќи сепак ова е специфична наменска индустрија. Добро е да има напредок на ова поле по повеќе години застој, рече министерот Мисајловски.
Во Министерството за одбрана на месечно ниво доаѓаат по неколку компании од секторот на одбранбената индустрија кои се заинтересирани да ги разгледаат можностите за да инвестираат во Македонија – рече министерот за одбрана Владо Мисајловски во изјава за МИА во Брисел.
– Мислам дека наскоро ќе се потпише и Меморандум за соработка со една од тие компании, а има и друга македонска компанија што сака да се прошири – рече Мисајловски.
Тој најави дека една македонска фирма потпишала меморандум со странска компанија за изградба на фабрика, а дека постојат и уште две-три други иницијативи во чии рамки за разговара за земјиште, за постоечката легислатива и за начините и процедурите за инвестирање.
– Добро е што има компании што сакаат да дојдат во Македонија, бидејќи сепак ова е специфична наменска индустрија. Добро е да има напредок на ова поле по повеќе години застој, рече Мисајловски.
Министерот нагласи дека државата и Владата ги охрабруваат овие компании да инвестираат и се подготвени да им помогнат во тоа преку расположливите инструменти.
– Секој е добредојден, како и секоја компанија што има добра намера. Таа добра намера, се разбира, треба да се преточи во инвестиција. Како Влада ќе помагаме и важно е таа индустрија се повеќе и повеќе да ја развиваме. Ќе дадеме сѐ од себе како држава да привлечеме странски инвестиции и најдобро би било овие фабрики да се градат во оние делови од нашата земја каде има потреба за тоа. Ќе работиме на тоа поле и се надевам дека наскоро ќе бидете сведоци на потпишување на еден ваков меморандум – додаде Мисајловски во изјавата за МИА.