ЈАГЛЕНОТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНУВА СО ВЕТЕР И СОНЦЕ Ковачевски најави изградба на 1.000 MW фотонапонски електрани

Според директорот на АД ЕСМ над 70 проценти од производството моментно доаѓа од јаглен, и тоа е голем императив да се спроведе брза енергетска транзиција.

270

АД ЕСМ долгорочно ќе изгради 1000 MW фотонапонски електрани како клучен дел од планот за енергетска трансформација, односно префрлање на производството на електрична енергија кон обновливи извори, рече денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на Енергетскиот форум МЕФ 2021 што се одржува во Скопје.

Ковачевски рече дека над 70 проценти од производството моментно доаѓа од јаглен, и тоа е голем императив да се спроведе брза енергетска транзиција.






– Работиме на ширење на нашето производно портфолио, пред се во делот на обновливите извори на енергија – рече Ковачевски.

Според него, фотонапонските електрани ќе се градат во еден дел како сопствени инвестиции на АД ЕСМ, а во еден дел како јавно-приватно партнерство.

Од ЕСМ велат дека покрај производните капацитети од ветер и сонце, беше нагласено и значењето на поседувањето што почисти производни капацитети за базна, балансна енергија, за што беа наведени планираната гасна електрана во РЕК Битола, проширување на гасната електрана Енергетика во Скопје, планот за пренамена на ТЕЦ Неготино во електрана на гас и изградбата на големата хидроелектрана „Чебрен“.

За „Чебрен“ до крајот на годината се очекува првичен договор кој би бил основа за јавно-приватно партнерство со една од 9-те квалификувани компании кои аплицираа на јавниот повик да бидат партнери на АД ЕСМ за изградба на овој капитален проект

Поврзани содржини