АГЕНЦИЈАТА „ФИЧ“ ГО ПОТВРДИ КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА ЗЕМЈАВА ББ+ СО СТАБИЛЕН ИЗГЛЕД Доследните политики го поддржуваат стабилниот курс на денарот

Агенцијата нотира дека  во 2024 година реалниот раст на БДП достигна 2,8% и покрај надворешните потешкотии и дека е повисок од проекциите поради силната јавна потрошувачка и инвестициите. 

73

Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси, како и посветеноста на реформи во рамки на процесот на пристапување во ЕУ.

Ова го констатира кредитната агенција „Фич” во последниот извештај со кој земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед, соопштија Министерството за финансии и Народната банка.






Агенцијата нотира дека  во 2024 година реалниот раст на БДП достигна 2,8% и покрај надворешните потешкотии и дека е повисок од проекциите поради силната јавна потрошувачка и инвестициите.

Фич очекува растот  на економијата во 2026 година да достигне 4% како резултат на реализација на инвестициите на коридорот 8 и 10д.

Во извештајот се посочува дека инвестициите остануваат силни, но дека слабиот раст на продуктивноста и неповолните демографски движења претставуваат ограничувачки фактори на растот на среден рок.

Агенијата забележува и силни приливи на странски директни инвестиции. Странските нето директни инвестиции, како што наведуваат од агенцијата, се највисоки во последните 17 години и се искачија на 7,1% од БДП во 2024 година како резултат на високи  инвестиции во слободните економски зони.

Невработеноста според „Фич”, останува структурно висока поради недостаток на вештини и нерамномерен регионален економски развој. Растот на платите е силен и во периодот 2022-2024 година изнесува во просек 13% годишно и немаше негативен ефект врз конкурентноста.

Во извештајот „Фич” наведува дека во 2024 година е остварен буџетски дефицит од 4,6% што е помалку од ревидираниот со Ребалансот на ниво од 4,9%,  како резултат на повисоките приходи и недоволното извршување на капиталните расходи.

Во 2025 година „Фич” не очекува промени кај буџетскиот дефицит поради проектираниот повисок износ на капитални расходи и нормализирање на расходите за пензиите и социјалните фондови. Позитивно влијание врз приходната страна очекува од воспоставувањето на е-фактурата.

Агенцијата смета дека грантовите од Планот за раст на Западен Балкан ќе придонесат за намалување на дефицитот на 4%  до 2026 година. Долгот според „Фич” на среден рок ќе надмине ниво од 58% од БДП.

Инфлацијата во 2024 година просечно е на ниво од 4,2% и според „Фич” главни двигатели се силниот раст на платите, зголемената домашна побарувачка, заедно со силниот кредитен раст на приватниот сектор.

Во извештајот се посочува дека курсот на домашната валута и натаму е стабилен.

Според проекциите на агенцијата, девизните резерви покриваат 4,3 месеци од увозот проектиран за 2025 − 2026 година, што ја поддржува стабилноста на фиксниот курс на денарот во однос на еврото.

Дефицитот на тековната сметка е во согласност со десетгодишниот просек, додека приливите на странските директни инвестиции се на највисоко ниво во изминатите седумнаесет години. „Фич” оценува дека овој извор на финансирање и во следниот период ќе биде соодветен за понатамошно покривање на дефицитот на тековната сметка.

Во однос на банкарскиот сектор, „Фич” оценува дека тој и натаму е стабилен и профитабилен. Банкарскиот систем е добро капитализиран, високо ликвиден и со квалитетно кредитно портфолио, при што нефункционалните кредити изнесуваат само 2,9%.

Кредитниот рејтинг се изготвува врз основа на анализи на политиките што ги спроведува земјата. Тој  го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.

Кредитен рејтинг за земјата изготвуваат кредитните агенции „Фич” и Стандард и пурс”, два пати во годината.

Поврзани содржини