АГЕЛЕР Ѝ ЧЕСТИТА НА СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ЗА ИЗБОРОТ НА ДВЕТЕ ЧЛЕНКИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ Амбасадорката во заминување вети дека ќе продолжи да ја помага земјата
Амбасадорката Агелер ми честиташе за изборот на двете членки на Судскиот совет, оценувајќи го изборот како значаен чекор кон реформирање на ова важно правосудно тело. Во име на македонските граѓани ѝ се заблагодарив на амбасадорката за нејзиниот придонес во продлабочување на соработката и зацврстување на стратешкото партнерство, напиша претседателката Сиљановска Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска на проштална средба ја примила амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Прајс Агелер.
Како што информира Сиљановска Давкова преку објава на нејзиниот Фејсбук профил, обете потврдиле дека двете земји, како долгогодишни сојузници, негуваат цврсто пријателство коешто почива на заемна почит и разбирање.
„Амбасадорката Агелер ми честиташе за изборот на двете членки на Судскиот совет, оценувајќи го изборот како значаен чекор кон реформирање на ова важно правосудно тело. Во име на македонските граѓани ѝ се заблагодарив на амбасадорката за нејзиниот придонес во продлабочување на соработката и зацврстување на стратешкото партнерство“, напиша Сиљановска Давкова.
Како што се посочува во објавата на претседателката, Агелер нагласила дека и по заминувањето од Скопје, ќе продолжи да ја помага земјата во којашто поминала значаен дел од кариерата.
„Таа истакна дека, и по заминувањето од Скопје, ќе продолжи да ја помага земјата во којашто поминала значаен дел од кариерата, за што ѝ се заблагодарив, посакувајќи ѝ понатамошни професионални успеси“, напиша Сиљановска Давкова.
Собранието вчера, 12 јануари, даде зелено светло за двете нови кандидатки на Судскиот совет предложени од Сиљановска Давкова во рамки на реформите што ги носи новиот Закон за Судскиот совет.
Кандидатката Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети, додека Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитетот.