Претседателот на Собранието Талат Џафери не ја доставил иницијативата потпишана од 35 пратеници предводени од СДСМ за свикување на Парламентот, до ниту еден пратеник иако поминаа неколку дена откако пратениците потписници го доставија документот до кабинетот на Џафери. Од неговиот кабинет за Плусинфо потврдуваат дека Џафери иницијативата не ја доставил до пратениците и дека ниту тој се нема произнесено по неа.
Џафери, пак, не одговара на телефонските повици дали ќе се произнесе за иницијативата и зошто барањето досега не го доставил до пратениците.
Дали ова значи дека Џафери можеби и нема намера да се изјасни за иницијативата ако се има предвид дека тој и пред таа официјално да биде доставена до парламентот неколку пати изјави дека самораспуштено Собрание не може повторно да се свика.
Од ДУИ, пак, за Плусинфо брифираат дека најверојатно иницијативата „не е во ред“ и оти затоа Џафери не ја препратил до пратениците. Во спротивно, велат од партијата на Али Ахмети, најдоцна за три дена откако претседателот на Собранието ќе добие барање или иницијатива од пратеници го доставува до сите народни избраници.
Од ДУИ повторуваат дека апсурдно е барањето да се стави во функција веќе самораспуштен парламент. Од таму велат дека не ја разбираат „правната неукост“ на СДСМ за барањето да се свика Собранието.
Од ДУИ повторуваат дека за вакво прашање треба да се произнесе Уставниот суд и дека за таква одлука е потребен консензус од сите парламентарни партии. Според нив, консензуално е распуштен парламентот, консензуално е донесен датумот за избори и консензуално треба да се одлучи дали е можно веќе распуштено Собрание повторно да се свика.
Против иницијативата за повторно свикување на распуштеното Собрание се изјасни ВМРО-ДПМНЕ. Барањето доби поддршка од коалициските партнери на СДСМ и од Алијансата за Албанците, Беса, осумте независни од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА.
Според СДСМ, Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот.
– На седницата која би била свикана, Собранието конечно ќе има можност да ја оствари својата уставна надлежност согласно членот 125 од Уставот, да ги потврди одлуките за прогласување на вонредна состојба кои ги донесе Претседателот на Републиката. На овој начин Собранието ќе биде доследно на приоритетот кој со уставните одредби му е даден во прогласување на воена или вонредна состојба и нема да дозволи извршната власт да ја има комплетната контрола над уставните процеси за носење одлуки за прогласување и продолжување на вонредната состојба – пишува во објаснувањето потпишано од 35 пратеници.