ЏАФЕРИ НЕМА ПРАВО ДА ШЕФУВА Вратите на Собранието се заклучуваат само ако е загрозена безбедноста на пратениците
Претседателот на Собранието, всушност, е прв меѓу еднаквите пратеници и ништо друго. Значи, и тој е пратеник. Во случајов, спикерот Талат Џафери не е шеф и нема право да им шефува на другите пратеници, објаснува поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
Некоректно и непристојно е да се заклучат вратите на Собранието и да се држат пратениците како заложници, бидејќи токму оваа институција претставува храм на демократијата, а претседателотс е пратеник како и сите други и тој нема право да шефува и да ги лишува од слобода своите колеги.
Ваков е ставот на поранешниот претседател на законодавниот дом, Тито Петковски, во поглед на синоќешниот инцидент што се случи во пленарната сала во Парламентот кога собранискиот спикер Талат Џафери ги заклучи вратите и не им дозволи на пратениците да ја напуштат просторијата.
И јас бев претседател на Парламентот и мене често ми се случувало да ми пукне филмот и да се изнервирам, ама никогаш не сум постапил со насилство.
– Правилата на парламентарната демократија подразбираат соочување со идеи, со предлози и со програми, ама не и со насилство. Јас лично никогаш не би го направил тоа што синоќа го направи Џафери. Никогаш не би ми паднало на памет да ги заклучам вратите на Собранието. А мислите дека не сум бил во такви комплицирани ситуации? И јас бев претседател на Парламентот и мене често ми се случувало да ми пукне филмот и да се изнервирам, ама никогаш не сум постапил со насилство. Едноставно, Собранието никогаш не смее да биде затворено. Пленарните сали секогаш треба да бидат отворени за да работат комисиите. Заклучувањето не го дозволува ниту парламентарната култура, ниту парламентарната демократија. Никако не смее да се оправда недолично однесување и пцуење во Парламентот, а ниту смее да се оправда заклучување на вратите на храмот на демократијата. Тоа е дом на сите пратеници, а не само на еден човек. Претседателот на Собранието, всушност, е прв меѓу еднаквите и ништо друго. Во случајов, Џафери не е шеф и нема право да им шефува на другите пратеници – објаснува Петковски.
Тој посочува дека точно се знае во кој случај треба да се затворат вратите на Собранието.
– Главните врати на Собранието, оние надворешните, можат да се затворат тогаш кога се одржуваат затворени седници. Но, право да ви кажам, ниту тогаш не се затвораат вратите, туку само се информира обезбедувањето дека внатре се одржува затворена седница и дека не е дозволено присуството на новинарите и на јавноста. Влезните врати на Парламентот се заклучуваат само во случај на закана по безбедноста на пратениците или на собранискиот спикер, а вратите на пленарната сала никогаш не се заклучуваат. Тоа всушност е полето за политички натпревар помеѓу политичките партии – вели Петковски.
Коментар утрово побаравме и од спикерот Талат Џафери, но тој беше недостапен за изјава за медиумите.
Синоќешниот негов потег воопшто не им се допадна на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои се пожалија дека се киднапирани, а денеска пристигна и соопштение од партијата на Христијан Мицкоски во кое се вели дека собранискиот спикер извршил кривично дело за кое се лежи в затвор.
„Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејствие стори кривично дело од чл. 140 ст.3 и 4 од КЗ, од кои ст.3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст.4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на Фејсбук напиша дека освен тоа што Џафери сторил кривично дело, туку и целосно го загубил кредибилитетот за да го води Парламентот.
„Со заклучувањето на пратениците во пленарната сала на Собранието, Талат не само што стори кривично дело, туку и целосно го изгуби кредибилитетот да го води Парламентот! Од вкупно 120 пратеници, треба пет – за да почне постапката за интерпелација. Двајцата пратеници на Левица стојат на располагање. Се бараат уште тројца јунаци и да почне процесот“, напиша Апасиев.
Во меѓувреме се огласи и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој истакна дека опозицијата ќе поднесе интерпелација за Џафери.
– По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција, туку институција заробена од еден автократ којшто си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, не почитувајќи никаков Деловник и пред сѐ крши основни човекови права. Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води Законодавиот дом. Овој човек нема почит спрема никого, ниту спрема собраниската служба која ја вреѓаше и ја пцуеше на најбезобразен начин, ниту спрема пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. Почитувани граѓани, ова се крици на еден немоќен и неспособен човек којшто не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа не знаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим којшто е далеку од демократски. За Талат Џафери не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата – вели Мицевски.