ЏАФЕРИ НЕ ГО ДИСКРИМИНИРАЛ АПАСИЕВ КОГА ГО ОДБИ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Уставните судии не видоа прекршени права на пратеникот
Судот оцени дека нема правно релевантни факти дека во овој случај и со конкретните дејствија преземени од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери на подносителот на барањето Димитар Апасиев му била повредена слободата на политичкото дејствување и дека истиот бил дискриминиран поради политичката припадност, соопшти Уставниот суд.
Уставниот суд го одби барањето на лидерот на Левица, Димитар Апасиев за заштита на неговите слободи и права, поднесено против Талат Џафери, во кое пратеникот наведува дека поранешниот претседател на Собранието сторил повреда на правото на политичко дејствување. Според Уставниот суд, Апасиев не е дискриминиран од Џафери. Лани, пак, Комисијата за заштита од дискриминација одлучи спротивно, односно дека Џафери директно го дискриминирал Апасиев.
Се работи за случајот од летото 2022 година, кога Апасиев имаше неуспешен обид за иницијатива за собирање 150.000 потписи, за да се распише референдум на кој граѓаните ќе се прашаат дали го прифаќаат францускиот предлог, според кој Македонија прво треба да ги внесе Бугарите во Уставот, а потоа да ги почне преговорите за членство со ЕУ.
Апасиев во барањето до уставните судии наведе дека тогашниот претседател на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен предлогот за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум.
„Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти“, навел Апасиев, а пренесе Уставниот суд.
Денеска ова барање на Апасиев е одбиено.
„Врз основа на утврдената фактичка состојба на јавната расправа, Судот оцени дека нема правно релевантни факти дека во овој случај и со конкретните дејствија преземени од тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери на подносителот на барањето Димитар Апасиев му била повредена слободата на политичкото дејствување и дека истиот бил дискриминиран поради политичката припадност, поради што се исполнети условите од член 56 од Деловникот на Уставниот суд за одбивање на барањето. Уставниот суд ги прифати изјавите на Џафери кои беа изнесени на јавната расправа пред Судот, дека во случајот единствено исправно било да се применат одредбите од членовите 135 и 136 од Деловникот на Собранието, бидејќи со истите се регулира постапката кога пратеник поднесува предлог-закон и му се дава овластување на Претседателот на Собранието да побара од пратеникот во определен рок предлогот да го усогласи“, соопшти Уставниот суд.
Судот оцени, се додава, дека Апасиев требало да постапи во тој рок и да го уреди поднесокот, бидејќи станува збор за поднесување на граѓанска иницијатива од страна на пратеник, па така сосема логично било доставата на известувањето да му биде извршена во Собранието, а не на домашната адреса.
„Од исказите на странките на јавната расправа јасно произлегува дека подносителот на барањето за заштита на слободите и правата, Димитар Апасиев, не го испочитувал рокот од 15 дена за уредување на поднесокот односно предлогот, поради што истиот бил отфрлен како да не бил поднесен. Со постапувањето на овој начин со поднесената иницијатива од страна на подносителот на барањето сметаме дека претседателот на Собранието не ги пречекорил своите овластувања, бидејќи од одредбите од Деловникот на Собранието, посебно од одредбата од член 60 од Деловникот, јасно произлегува дека претседателот на Собранието ја испитува уредноста на предлогот за покренување граѓанска иницијатива за распишување на референдум на државно ниво. Следствено на ова, со доставување на предметното известување дека иницијативата треба да се дополни и доуреди, претседателот на Собранието Талат Џафери ги исполнувал своите законски и деловнички обврски да се грижи за примена на Деловникот“, соопшти Судот.
Со ваквото постапување на претседателот на Собранието, според мислењето на Судот, на подносителот на барањето Апасиев не му била повредена слободата на политичкото дејствување од член 110 алинеја 3 од Уставот, од причина што тој како пратеник имал на располагање и други начини и инструменти преку кои можел прашањето за распишување на референдум на државно ниво за конкретното прашање да го изнесе пред Собранието.
„Таква е на пример можноста што ја дава член 184 од Деловникот на Собранието, според кој секој пратеник има право до Собранието да предлага донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти. Во постапувањата и дејствијата на Џафери, Судот цени дека не постојат ниту елементи на дискриминација, од причина што и по иницијативата што претходно (во септември 2022 година) била поднесена од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за распишување на референдум во врска со договорот со Бугарија, претседателот на Собранието постапил на истиот начин и го известил подоносителот на таа иницијатива дека истата е неуредна од формални причини и не ја проследил до надлежните собраниски комисии“, соопшти Уставниот суд.
По одлуката се огласи Апасиев на социјалните мрежи.
„Уставниот суд го одбил моето Барање против Џафери! Супер. Идеме у СТРАЗБУР, о вие пречесни судии од тефтерчето“, објави пратеникот Апасиев.
Во иницијативата на Левица се предлага распишување референдумското прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
Лани во март Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека претседателот на Собранието Талат Џафери извршил директна дискриминација врз пратеникот Димитар Апасиев при иницијативата на државно ниво за собирање потписи за распишување референдум за „францускиот предлог“.