Џафери: Да го донесеме светот тука, а не да ни заминат младите во светот

Ние навистина имаме огромен потенцијал и мораме да направиме се што е во наша моќ да погледот на тие капацитети не биде свртен кон Западот туку свртен кон дома. Да го донесеме светот тука, а не да ни заминат младите во светот - истакна претседателот на Собранието.

203

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се обрати на работната средба за пратеници „Вовед во улога и функција на Клубот за младински прашања и политики“, на која треба да се основа новиот Клуб за младински прашања и политики на овој парламентарен состав.

Овој настан, рече Џафери, е всушност почеток на продолжението на една иницијатива која своите зачетоци ги има од 14 октомври 2017 година, кога беше формиран Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Република Северна Македонија. Иако, како што потенцира, замислен во својот неформален состав да биде со пратеници до 35 години, тоа не претставувало, а верува дека ниту сега ќе претставува проблем за сите кои чувствуваат дека имаат како и што да придонесат во насока на унапредување на статусот и положбата, како и заштитата на интересите на младите.






– Ве охрабрувам да се посветите сериозно на задачата со која се задолжувате, затоа што верувајте, резултатите од овој ангажман, ќе бидат во полза на сите млади генерации, и актуелните, и идните. А кој најдобро ги познава потребите на младите? Се разбира токму младите кои имаат потреба да ги шират крилата, да истражуваат и откриваат нови длабочини, нови  височини. Имаат потреба и заслужуваат да бидат на исто рамниште со своите врсници од високо развиените земји каде што на секој од нив се гледа подеднакво, и му се нудат еднакви можности за учење, надградување, вработување и напредување на професионалното скалило – рече во обраќањето Џафери.

Според него, што е уште поважно, високо развиената свест за еднакви граѓани со еднакви права и обврски, при тоа, почитувајќи ги разликите и карактеристиките на сите етнички заедници поединечно, ќе произведе задоволни, среќни и лојални граѓани на оваа мала но прекрасна земја која верувајте е доволно голема за да обезбеди топол дом, безбеден и квалитетен живот за сите свои граѓани со еднакво почитување на демократските и основните човекови права и обврски.

– Ние навистина имаме огромен потенцијал и мораме да направиме се што е во наша моќ да погледот на тие капацитети не биде свртен кон Западот туку свртен кон дома. Да го донесеме светот тука, а не да ни заминат младите во светот – истакна претседателот на Собранието.

Тој во говорот потсети на тоа што било направено од страна на досегашниот Клуб на млади, потсетувајќи на донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики кој што беше усвоен со поддршка од сите пратенички групи во Собранието во Јануари 2020 година, по што следела и координација со институции на централно и локално ниво за обврските кои треба да бидат преземени од Законот за младинско учество и политики, со цел поефикасна и целосна имплементација на Законот.

– Клубот беше исто така активен и на меѓународната сцена, посветен на промовирање и застапување на младинските интереси на меѓународните настани, како и на собирање на позитивни искуства и пракси, особено од земјите членки на Европската Унија. Како резултат на таквата активна соработка со Европски Парламент и потпретседателот на Европски Парламент, лидерот на Програмата за Млади Лидери на Европски Парламент, Собранието на Република Северна Македонија, заедно со тие европски институции беше домаќин на настанот „Премостување на јазот – Политички дијалог на високо ниво”, на кој што учествуваа пратеници од шест парламенти од Западен Балкан и младински активисти и младински организации – истакна собранискиот спикер.

Покрај тоа, додаде Џафери, беше формирана и Регионална мрежа на Парламентите од Западен Балкан на Младински клубови чија цел е поврзување на сите Клубови со цел младинската агенда да биде ставена високо во приоритетите на Унијата и на земјите од Западен Балкан.

– Во таа насока, неодамна имав средба и со претставници од минатиот Клуб за младински прашања и билатералните младински канцеларии за соработка, кои се дел и обврска од имплементацијата на Договорот од Преспа, и се најдобриот начин за охрабрување и интензивирање на взаемната соработка со соседите, со кои можеме и мораме да научиме да живееме, соработуваме и напредуваме заедно, како земји и како регион. И тогаш им потврдив, и сега потврдувам, институциите се тука за спроведување на државниот интерес и олеснување и подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани, а младите се најскапоценото и највредното што го имаме – рече во обраќањето претседателот на Собранието.

Поврзани содржини