АФЕРАТА СО ЛАЖНИ ФАРМЕРИ ЈА ПРЕКРОЈУВА ГРЧКАТА ВЛАДА Од фантомски пасишта со години се „цицале“ милиони евра

Скандалот со европските субвенции откри систем на злоупотреби со пасишта и фиктивни фармери во Грција. По истрагата на европските обвинители, тројца функционери поднесоа оставки, додека грчката владата прави реконструкција.

391

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис направи реконструкција на владата во Грција откако тројца функционери поднесоа оставки поради милионски скандал со европски земјоделски субвенции. Случајот открива систем на злоупотреби со милионски фондови, што предизвика политички потрес во земјата.

Оставки поднесоа министерот за цивилна заштита Јоанис Кефалојанис, министерот за земјоделство Костас Цијарас и заменик-министерот за здравство Димитрис Варцопулос, откако нивните имиња се најдоа во истрагата на европските обвинители.






Покрај нив, оставка поднесе и Димитрис Варцопулос, заменик-министер за здравство, кој исто така е опфатен со истрагата.

Манипулации со земјиштето и со катастарот

Според грчките власти, мрежата проневерила најмалку 23 милиони евра од 2018 година досега, додека шемата започнала по реформата на Заедничката земјоделска политика во 2014 година.

Со измената субвенциите почнале да се пресметуваат според површината на земјиштето наместо според добитокот. Исто така, манипулации имало и поради тоа што немало јасен катастар.

„Пасишта на археолошки локалитети“

Истражителите откриле апсурдни случаи, пријавени пасишта на археолошки локалитети, маслинови дрвја во воени аеродроми и банани на Олимп.

Најголемиот дел од парите завршиле на Крит, каде дури 80% од субвенциите за пасишта од 2017 до 2020 година биле исплатени.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS

„Десетици милиони евра“

Истрагата се фокусира на измами со исплати преку државната агенција ОПЕКЕПЕ, која била задолжена за распределба на субвенции од Европската Унија.

Според европските обвинители, десетици случаи откриле дека лица добивале пари за пасишта без да поседуваат или изнајмуваат земјиште, ниту да се занимаваат со земјоделство.

Се проценува дека биле проневерени десетици милиони евра во период од неколку години, додека вистинските земјоделци останале без средства.

„Рации и протести“

Обвинувањата доведоа до рации и апсења во октомври, додека земјоделците излегоа на протести поради одземените субвенции.

Случајот прерасна во една од најголемите афери во грчкото земјоделство во последните години.

Реконструкција на владата

Премиерот Кирјакос Мицотакис денеска ја објави новата структура на кабинетот, со цел да ја стабилизира владата по ескалацијата на скандалот.

Портпаролот на владата Павлос Маринакис ги соопшти новите имиња на функционери кои ќе ги преземат ресорите.

Евангелос Турнас е назначен за министер за цивилна заштита, Маргаритис Схинас за министер за рурален развој, а Макариос Лазаридис станува заменик-министер.

Поврзани содржини