Aферата да се расчисти институционално и одговорно, а не со фрлање кашикара во септичката јама на тајната полиција
Сите материјали за незаконските и спорни физички следења и прислушувања и компроматите во форма на службени информации и белешки на АНБ, треба да бидат на увид само на истражните органи – не смее да се дозволи тие да се прошират како во акцијата „Вистината за Македонија“ на Зоран Заев во 2015 година, кога тој огромен токсичен материјал послужи само за еден сеопшт воајеризам и сеир, за преземање на власта без добиени избори, но и за страшни уцени и за рекет.
Големиот скандал на прислушување и физичко следење на политичари, новинари и бизнисмени, како и производство на компромати во облик на службени белешки и информации, од страна на Агенцијата за национална безбедност во периодот од 2019 до 2024 година, мора да се расветли инстутуционално, законски одговорно и политички транспарентно.
Овој пат не со неконтролиран воајеризам општонароден сеир, не со некаква неодговорна екстензија на акцијата „Вистината за Македонија“ на Зоран Заев од 2015 година, која повторно би завршила со неконтролирана јавна дистрибуција на „бомби“ и компромати. Значи, не со божемна „катарза“ на нацијата, заради промена на власта без изборна победа.
На таков начин дојде на власт СДСМ на Зоран Заев. Беше поткрепен со поддршката на илјадници луѓе (меѓу нив и јас, признавам), сите спремни да замижат пред еден очигледен „фаул“, во надеж за успешен крај на натпреварот, којшто требаше да ни донесе правда, мир и напредок. А видовме, донесе само нови скандали и една екипа на власт која владееше неодговорно и неуспешно цели седум години…
Расветлувањето на актуелниот скандал мора да фати друга насока. Искуството веќе ни покажа дека токму политичкиот профиот и предизборните калкулации, кои беа во основата на идејата за неконтролирана јавна дистробуција на „бомбите“ на Заев, спречија институционална разврска на аферата по промената на власта. Специјалното јавно обвинителство, франкештајн-институција создадена специјално со намера од „бомбите“ (како индиции) да произведе судски случаи, креираше фалшливи обвиненија, во кои лесно се читаше намерата тие да послужат само за уцени и за рекет. Не требаше да мине многу време СЈО и директно да се потврди како класична рекетарско здружение, засилено со други обвинители, професори, адвокати, новинари и јавни личности, сите впрегнати во рекетарскиот бизнис воден од Катица Јанева, алтерегото на Зоран Заев.
Било, да не се повтори…
Овој пат, без оглед кој и со какви мотиви и со каква идеја го отворил скандалот, тој мора да се менаџира поинаку.Односно, токму така како што наложува законот, а не така како што сега посакуваат и бараат СДСМ, бившиот директор на АНБ, Виктор Димовски, како и некои други засегнати лица.
Актуелното раководство на АНБ достави информации за случајот во Јавното обвинителство. Соопштено е дека Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција веќе постапува во врска со пријаите. Собраниската комисија за контрола на работата на тајната полиција активно ќе биде инволвирана, во рамките на своите законски надлежности. Тоа е добар и сериозен почеток на разврската.
Сите дејствија што треба да се преземат, вклучувајќи ја и декласификацијата на спорните материјали (снимки, записи, информации, белешки и слично), смее да се преземат само во законски „форматирани“ постапки. Никако поинаку. Никако со „аргументот“ на некаков старо-нов политички опортунитет или фингиран „јавен интерес“.
Целта на постапките ќе биде да се утврди дали посебните истражни мерки (ПИМ) се воведувани и менаџирани во законска процедура и од оправдани причини, дали имало нелегално физичко следење и прислушување и дали спорните информации и службени белешки – кои служеле за многу чудни намени, меѓу другото и како „докази“ за притворање обвинети лица – самите биле поткрепени со доволно уверливи и докажливи наводи.
Во содржините на спорните материјали, декласифицирани во законска постапка, увид треба да имаат само обвинителите и другите лица овластени и надлежни да постапуваат во истрагата и утре, евентуално, во судските процеси. Тие материјали не смеат да се прошират во медиумите и на социјалните мрежи, најмалку меѓу луѓе кои ќе ги користат за компромитации, уцени и за рекет. Како што тоа се случи во акцијата „Вистината за Македонјија“, откако тој токсичен материјал (во почетокот само во посед на Зоран Заев и на Катица Јанева), буквално експлодираше како кашикара фрлена во септичката јама на тајната полиција, па во медиумите и на социјалните мрежи со месеци и месеци после летаа лајна на сите страни – се објавуваа „бомби“, поголемиот дел без никакви политичко значење, но сите со голем потенцијал за уништување кариери, пријателски релации, па и семејни односи на жртвите на тој сеопшт и неказнет воајеризам и сеир.
Овој пат – не така!
Нема посилен политички аргумент и нема поголем јавен интерес од строго почитување на законите и на пропишаните процедури.