АФЕРА „ПРОФИТЕР“ Стоилковски откри Анекс од 300.000 евра на прескап договор што го потпишал Шилегов
Шилегов потпишал договор на сума од 160 милиони и 765.000 денари, според кој цените за копање се три пати повисоки, асфалтирањето е два пати поскапо, рабниците се речиси три пати поскапи, тампонирањето чини цели три пати повеќе од пазарната вредност на терен, плаќана на други тендери, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски.
Работите на булеварот Никола Карев, таканаречената Пластичарска улица, од касарната Илинден до Момин Поток во Скопје, ќе чинеа двојно поевтино доколку не постоеше шема „Профитер“ и ако ставките во овој договор потпишан од Петре Шилегов не беа неколку пати повисоки од пазарната цена, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– Договорот би бил можеби и двојно поевтин доколку имало нормално аукциско работење, доколку, можеби Петре Шилегов, како потписник на овој договор, не испратил порака за цената воопшто да не се дискутира на наддавањето. Сите да се комотни, нема трка. Наместо по 10, 11, 13 градежни фирми да се борат за 3 милиони евра тежок договор, колку што е платено за сиот зафат, се појавуваат само три конкуренти на аукција со понудена речиси иста цена, за потоа воопшто да не се натпреваруваат на аукција да се земе работата – рече Стоилковски објаснувајќи ја шемата.
Тој вели дека Шилегов потпишал договор на сума од 160 милиони и 765.000 денари, според кој цените за копање се три пати повисоки, асфалтирањето е два пати поскапо, рабниците се речиси три пати поскапи, тампонирањето чини цели три пати повеќе од пазарната вредност на терен, плаќана на други тендери.
– Ама плаќа Петре од градскиот буџет. Шемата е јасна, постои претходен договор за кого е овој тендер наменет, пораката е пратена, тендерот се зема без реална трка на пазарот, по нереални цени, а разликата се дели. И тоа е профитер. И така има градоначалници кои што постигнале во просек по над 100.000 евра луксуз годишно. Од плата! – додаде Стоилковски.
Но, како што рече тој, покрај тоа што тендерот бил двојно поскап, на овој договор имало и Анекс, потпишан од Шилегов на 300.000 евра за непредвидени трошоци.
– Аферата „Профитер“ е огромна. Делени се пари од буџет во услови кога сета економија запре. Кога 60.000 лица останаа на улица. А градежни компании не се борат за тендери од 3 милиони евра распишани од Град Скопје. Од разликата дебело се профитира, дури и кога разликата во цена е поделена. Петре Шилегов за четири години го зголеми луксузот за речиси половина милион евра од административна плата – додаде Стоилковски.