Аеродромци добија нов зелен сквер од Град Скопје
Засадивме 350 нови садници од кои 90 високо стеблести и остатокот околу 250 се ниско стеблести садници – кажа Шилегов.
Зелената запуштена површина од 2.000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров, во Општина Аеродром, Град Скопје целосно ја преуреди со цел граѓаните да можат со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности.
– Денеска сме на новата зелена површина на којашто Градот Скопје работеше изминативе неколку месеци, станува збор за дел од проектот кој го работевме заедно со УНДП, а во кој беа вклучени луѓето коишто живеат во соседството и по основ на анкетите и нивните потреби го уредивме овој простор. Уредена е зелена површина од околу 2.000 метри квадратни, ова е втората од четирите коишто ги започнавме есента. На овој простор во целост го обновивме зеленилото што беше запуштено, се сеќавате овде имаше стари трафики и не беа отстранети нивните темели и столбови. Засадивме 350 нови садници од кои 90 високо стеблести и остатокот околу 250 се ниско стеблести садници – кажа Шилегов.
Патеките во скверот се облагородени со дрвени елементи наменети за децата кои ќе го користат овој простор да можат да ги развиваат своите моторички способности. Исто така, има и патеки кои се наменети за родители со колички за мали деца и лица со посебни потреби.
На скверот се поставени 14 шаховски табли, стилизирана урбана опрема составена од клупи, корпи за џебен отпад и други придружни елементи, а целиот простор е со лед осветлување.
Просторот е осмислен на начин што целосно ги следи потребите и желбите на граѓаните кои живеат во овој дел од Општина Аеродром, а особено е посветено внимание на тоа бетонските елементи да бидат сведени на минимум и зеленилото да биде распоредено да може да се формира раскошни крошни кои ќе обезбедат сенки за посетителите.
– Градот Скопје посветено работи на обезбедување на функционална животна средина за граѓаните во Скопје, која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, а локацијата за уредување е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во самиот процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата – се вели во соопштението.
Мапирани беа дневните и ноќните активности, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.