📽️ АЕРОДРОМ СТАНУВА ПРВАТА СМАРТ ОПШТИНА Муцунски потпиша договор вреден 9 милиони евра
Градоначалникот на Аеродром истакна дека ова за општината е еден значаен исчекор, исчекор којшто во следните 6 месеци отприлика ќе ја направи Аеродром првата паметна општина поширока класификација на територија на цела Република Македонија.
Огромно е задоволството денес да го потпишеме договорот со којшто го официјализираме почетокот на јавно-приватното партнерство помеѓу општина Аеродром и корпорацијата „Crescent NV“ со цел имплементација на проектот за смарт односно паметен Аеродром, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски.
– Овој проект е само почеток на дигиталните решенија коишто ќе се нудат во нашата општина во следните години. Посебно ме радува што иницијалната инвестиција којашто ќе ја прави корпорацијата „Crescent NV“ во општина Аеродром, на почетокот е некаде околу 9 милиони евра. Се работи за реномирана меѓународна компанија којашто котира на Бриселската берза, но уште повеќе нè радува што во имплементацијата на нивниот проект тие инкорпорираат и домашни, македонски компании, меѓу коишто ги вбројуваме А1 и Ассеко. Се работи за дигитални решенија насочени кон паметно осветлување, паметна мобилност, воспоставување на бесплатни интернет зони на територија на општина Аеродром, така да ќе има многу решенија коишто граѓаните ќе ги сведочат во следниот период, а којшто понатаму ќе се прошируваат и надградуваат согласно технолошкиот развој којшто се шири во глобалниот свет – рече Муцунски.
Градоначалникот на Аеродром истакна дека ова за општината е еден значаен исчекор, исчекор којшто во следните 6 месеци отприлика ќе ја направи Аеродром првата паметна општина поширока класификација на територија на цела Република Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред новинарите рече дека денешниот ден за него претставува големо задоволство бидејќи Општина Аеродром покажа и докажа дека кога напорно се работи и посветено се работи може да се постигнат и на локално ниво европски успеси. Како што е почетокот на овој проект.
– Жителите на општина Аеродром ќе имаат навистина едно би рекол посебно решение коешто ќе одговара на нивните потреби. И она што е важно како што и самиот проект вели ќе се зголеми транспарентноста, ќе се зголеми отчетноста во однос на тоа каква е навистина животната средина, квалитетот на воздухот, но и истовремено ќе се намалат трошоците коишто во моментот Општина Аеродром и граѓаните на општина Аеродром практично ги плаќаат. И ќе останат повеќе пари и средства за капитални инвестиции. Така што уште еднаш му честитам на градоначалникот Тимчо, на советниците на Советот, на администрацијата за сето она коешто го направија – вели Мицкоски.
Тој додава дека претпоставувам или да бидам попрецизен сигурен сум веќе и градоначалникот и гостинот денеска направија презентација за каква компанија станува збор, дека котира на белгиската берза, дека ќе инвестира девет милиони евра. Практично дека локални партнери се А1 и Ассеко. Така што навистина претставува еден фантастичен проект којшто очекувам да се прошири и во другите општини во Македонија, но од Македонија да го прошириме и во другите држави во регионот.