АЕРОДРОМ СЕ САМООРГАНИЗИРА ЗА ДА ГО ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО Градоначалникот Митески поднесе кривични пријави за „Комунална хигиена“
Чистиме насекаде, од Долно Лисче до Мичурин. Благодарност до општините и до фирмите што ни помагаат во целиот процес. Ќе издржиме уште 10 дена - Аеродром ќе го исчистиме – рече Митески.
Надвор од нашите надлежности, се организиравме за да го исчистиме сметот од контејнерите во населбата Аеродром, изјави денеска Дејан Митески, актуелен в.д градоначалник на Општина Аеродром и кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ кој влезе во вториот круг на локалните избори.
– Чистиме насекаде, од Долно Лисче до Мичурин. Благодарност до општините: Илинден, Зелениково, Сопиште како и до многуте општествено-одговорни компании кои помагаат во целиот процес. Ќе издржиме уште 10 дена – Аеродром ќе го исчистиме – рече Митески.
Општина Аеродром сама го чисти сметот, иако како што нагласува тој, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, под раководство на Данела Арсовска, е надлежна за собирање на сметот, празнење на контејнерите и чистење на општините на територијата на Град Скопје и за тоа се платени од граѓаните.
– Во изминатиот период или повеќе од 10 дена, не се празнат контејнерите на територијата на општина Аеродром и не се подигнува отпадот од домаќинствата во Лисиче. Ние како општина поднесовме кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство – Скопје, како и до Министерството за внатрешни работи. Одговорноста има име и презиме и таа мора да се детектира. Од страна на комунални инспектори на општината ги казнивме два пати со по 80.000 евра, но попусто, кај нив не владее здравиот разум – рече Митески.
ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје неколку денови не го собира сметот од скопските контејнери, па дел од општините во Скопје се самоорганизираат за собирање на ѓубрето, а постапка покрена и Јавното обвинителство.