АЕК ГИ ДОДЕЛИ ОДОБРЕНИЈАТА ЗА 5Г МРЕЖАТА Се очекува таа да биде 10 пати побрза од 4Г

Македонија е прва земја во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа, за која испитувањата покажале дека има помало зрачење од претходната 4Г мрежа.

341

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска на „Македонски Телеком“ и на „А1 Македонија“ им ги додели одобренијата за петтата мобилна генерација 5Г, со што станавме прва држава во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа.

– „Македонски Телеком“ веќе ја има покриено територијата на 16 града со мрежата 5Г и работи во делот на Тетово и на Гостивар, а „А1 Македонија“ работи на покривање на територијата на Скопје. Се очекува „Македонски Телеком“ прв да ја покрие целата територија на земјата со функционална 5Г мрежа која треба да е 10 пати побрза од 4Г – рече директорот на АЕК Јетон Аќику.






Тој објасни дека се направени мерења кои покажале дека зрачењето кај оваа технологија е далеку помало од старото со 4Г.

– Направивме мерења на 5Г мрежата кои покажаа дека зрачењето кај оваа технологија е далеку помало од старото со 4Г. Го направивме тоа што можевме, меревме, ќе мериме и ќе продолжиме да мериме за научно да покажеме дека нема такво зрачење како што обвинуваат на социјалните мрежи. Ќе се потрудиме да ги известиме граѓаните дека нема потреба за паника – додаде Аќику по доделувањето на одобренијата.

Тој нагласи дека веќе од следната година ќе почне постепеното намалување на цените на роамингот и на податочниот сообраќај, односно интернетот со земјите од Европската Унија и додаде дека очекува до 2027 година да има цени слични како што сега има роамингот со земјите од Западен Балкан во рамки на „Roam like at home“.

До АЕК годинава пристигнале 256 барања за решавање на спорови од кои 53 отсто се решени во корист на барателите со што покажува дека се зголемува свесноста на корисниците зошто и кога да приговараат и на основаноста на нивните приговори.

Најмногу од барањата се за незадоволството од мобилната телефонија, потоа од телевизијата и за други ставки. Забележани се прекинувања на тарифни договори на сред договор, кои не смеат да се прекинат без согласноста на корисникот, а од АЕК им препорачаа на корисниците да ги прочитаат договорите пред да ги потпишат.

 

Поврзани содржини