АДВОКАТОТ ПОБАРА СЛОБОДА ЗА ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ Тврди дека Обвинителството не докажало негова вина, дека се направени многу пропусти и циркус од целата трагедија
Обвинителството не го побара човекот за кого Манев рече дека го зел ранецот со моторолите и со пиштолот. Според билтенот на МВР, на 5.12.2023 година во двор на џамија во Визбегово најден е ранец, два пиштола со рамка со куршуми за едниот и средства за чистење. Предметите се одземени, но не се вештачени. Визбегово е по пат кон Бразда. Не се расчисти ништо за тие пиштоли, ниту за чаурата најдена на местото каде е убиен Панче – рече Страшевски.
Јовица Страшевски, адвокат на првообвинетиот Љупчо Палевски, денеска во завршните зборови во Судот побара неговиот клиент да биде ослободен од обвиненијата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.
– Не се содржани елементите на кривичните дела што му се ставаат на товар и предлагам да биде ослободен. Не е јасно наведено какви дејствија презел. Обвинителниот акт е контрадикторен и непрецизен и ја извртува вистината со намера јавноста и судот да добијат искривена слика. Тој не соработувал и не ги поттикнал останатите да го сторат кривичното дело. Повредено е правото на еднаквост, што ќе биде основа за понатамошна постапка пред повисоките судови. Нема докази и наместо Јавното обвинителство да ја сопре постапката, поднесе обвинителен акт со низа законски пропусти. Пресудата беше однапред најавена дури и пред да почне постапката, а медиумите тоа го презентираа, без да се почитува уставното право на презумпција на невиност – рече Страшевски во завршните зборови.
Тој наведе дека доказите не биле доставени заедно со обвинителниот акт, дека судијата на претходна постапка одлучувал без доставени докази, само врз основа на обвинението, што е прекршување на Законот за кривична постапка.
– Товарот на докажување е на Јавното обвинителство, кое треба да ја докаже вината надвор од основано сомневање. Но, тоа не се случи. А секој е невин додека не се докаже вината. Во обвинителниот акт, според листата на докази, не се наведени цврсти факти со кои надвор од разумен сомнеж се докажува дека Палевски ги организирал и извршил злосторствата. Сето ова го прави обвинителниот акт непрециен и конфузен. Обвинителниот акт е од август 2024 година, една година после тоа ништо од наведеното не е докажано, дека извршил две убиства од користољубие, од кои едно е врз дете. Дали некој овде виде докази дека Палевски ги организирал и извршил злосторствата? После 40 рочишта и јавноста е поделена, многумина увидоа дека Јавното обвинителство нема докази против него. Обвинителот, наместо да каже во кој контекст ги кажува доказите и што се утврдува, само ги читаше насловите, без да ги коментира, за да се стекне впечаток дека има докази. Рекоа дека доказите ќе ги протолкуват во завршниот збор, но тоа не се случи. Палевски е обвинет само со 17 докази, меѓу кои нема ниеден за дејствија во кривично правните настан. На прес конференции на ЈО и МВР беше испишана пресудата. Партијата и тие беа квалификувани со најгруб и безобразен речник, а медиумите презентираа и се создаде атмосфера на јавен линч и на наметнато јавно мислење. Истрагата на МВР е погрешно водена. Имаше различни изјави на инспекторите Каришиќ и Димовски за тоа како Кешишев ги одвел до телото на Вања. И обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев дадоа контрадикторни тврдења за начинот како е грабнат Панче Жежовски – рече Страшевски.
Адвокатот на Палевски среде говорот пушти видео снимки, кои досега не биле презентирани. На едната снимка се гледа како „рено кангу“ влегува во дворот на Велибор Манев, од него излегува Боре Видевски, остава нешто во возилото и заминува. Напред седи Манев, се гледа дека нешто брише внатре во возилото и излегува. Ја отвора страничната врата и влегува во куќата. На второто видео се гледа како Манев зема нешто во десната рака, а од левата вади две лопати од возилото и се упатува кон куќата. Оваа снимка е од 24.11.2023 во 10.12 часот.
– Овие докази, кои беа предложени од ОЈО, говорат нешто различно од она што е опишано во обвинението. ОЈО не го докажа времето на убиството на Панче. Од системот Паметен град, од камера 67 се гледа каде е „кангуто“ во определено време. Манев не ја зборува вистината, а тој многу пати ја смени изјавата. На дадено признание на Манев, ОЈО приговараше, што е чудно. ОЈО не го повика лицето од кое се пронајдени ДНК на телефонот на Жежовски. А го обвини Палевски без ДНК и без отпечатоци – рече Страшевски.
Тој покажа фотографии кои ги направил Велибор од своето возило, а на кои се гледа Панче.
– Дека ОЈО не ја зборува вистината покажува и една службена белешка, која ОЈО ја негираше, демек не била доказ во постапката. На белешката од 7.12.2023 од полицискиот службеник Стојан Кујунџиовски, кој прибавувајќи ги по наредба камерите од хотел „Романтик“, кај Велес, вели дека на нив забележува „рено кангу“ во кое има две лица и забележува „цитроен“ во кој има едно лице. Тоа се вкупно 3 лица. ОЈО користи службени белешки како докази, а вели дека тие белешки не се докази. На нивната листа на докази има неколку службени белешки и ОЈО ги користеше. Во завршниот збор, пак, рекоа дека клучната службена белешка не можела да се користи како доказ. Со овие фотографии докажуваме дека ОЈО не ја говори вистината. Во кривичната пријава стои дека Жежовски е убиен на 22.11 во вечерните часови, а во обвинителниот акт стои дека е убиен наутро – рече Страшевски.
Во однос на убиството на Вања, смета Страшевски, останало неразјаснето и Обвинителството не понудило докази кој е мотивот и целта на тоа убиство.
– Се поставува прашање зошто баш Вања? ОЈО не докажа со ниеден материјален доказ зошто токму Вања, а не Миња? Бев често прашуван од граѓаните како бранител на Палевски, што на киднапертите и на убијците им менувало која од двете сестри да ја грабнат. Тоа е неодговорено прашање во целата постапка. Дали двете биле цел на грабнувачите или само Вања? ОЈО и МВР не се обидоа да го расчистат ова. Од истрагата останаа многу неодговорени прашања. Инспекторот Димовски рече дека откако Кешишев им го покажал местото тие почнале да откопуваат, но се поставува прашањето дали на тој начин тие ги уништиле доказите – рече Страшевски.
Според него, ОЈО не ги утврдило дејствијата во овој случај. Страшевски вели дека на снимките не се гледаат лицата на тие кои возат. Се гледаат „рено кангу“ и „цитроен“, но тоа не е доказ.
– Сејф сити е систем за препознавање на регистарски таблички, а не на лица. Системот безбеден град сѐ уште не е целосно законски ставен во функција. На камерите не се поставени налепници. Тоа значи дека и снимките од Безбеден град се набавени во незаконита процедура. Едно известување од МВР потврдува дека Сејф сити е систем за таблички, и сѐ уште не е целосно по закон ставен во функција – додаде тој.
Страшевски рече дека на запаленото возило стоел бројот на латиница WP7.., а според системот, имало разлика во две бројки. Во вештачењето стојат XB, а во системот, после бројот 7 стои HE. Тој вели дека има разлика во броевите на возилото „цитроен“, па се поставува прашање дали тоа е истото возило, односно дали запаленото возило е на Жежовски.
– Јавното обвинителство вели дека Палевски нема алиби, но зошто му е алиби, кога Обвинителството не понуди докази. На пример, не беше обезбедена снимката од Халк банка дека Палевски бил таму. Тврдењето дека не користел мобилен за време на убиствата самото Обвинителство си го поби со доказ од вештачење на телефон „самсунг“, според кое во 8.35 часот Палевски има разговор со турски број, во време кое се поклопува со убиството на Вања. Разговорот траел 9 секунди. Тоа го рече обвинителката. Обвинителството го обвини Палевски само врз основа на сведочењето на Манев, кој неколку пати ги менуваше исказите. Тој и самиот рече дека е тепан и со тепање давал и лажни искази. Манев рече дека семеен човек го зел ранецот со моторолите и со пиштолот. И по ова тврдење, Обвинителството не го побара човекот. Најден е ранец на 5.12.2023 година во двор на џамија во Визбегово, два пиштола со рамка со куршуми за едниот и средства за чистење. Предметите се одземени, но не се вештачени. Настанот е објавен во билтенот на МВР. Визбегово е по пат кон Бразда. Не се расчисти ништо за тие пиштоли. Не се расчисти ниту за чаурата најдена на местото каде е убиен Панче. Да не вештачиш чаура во две убиства е несериозно – рече Страшевски.
Тој додаде дека има сомнеж и за тоа кога се снимени снимките од куќата на Манев и дека не постои човек кој би се снимал додека се подготвува за убиство.
– На гумите на „реното“ земјата не одговара со земјата од местата на настаните. ОЈО тврди дека Палевски со WD-40 ги избришал ДНК трагите од „реното кангу“, но какво е тоа магично средство кое ги избришало само трагите на Палевски, а не и на останатите? Исказите на Манев и на Кешишев се контрадикторни, кој што возел, кој го полеал и кој го запалил „цитроенот“. Самите снимки на ОЈО не покажуваат дека има три лица во возилото со кое е грабната Вања. Покажувам една јавно објавена фотографија, каде јасно се гледа дека во „цитроенот“ има само едно лице кое вози, а кое по физиономија не одговара на ниеден од обвинетите. Се гледа дека нема три лица. Манев тврди дека имало два неуспешни обида за киднапирање, а Кешивев вели дека бил еден неуспешен обид. А велат дека биле заедно. Како може Палевски да има контакт со таткото, а Палевски го прашувал девојчето како се викаат нејзините мајка и татко. Ова се само еден дел од пропустите и лажните искази на Манев и на Кешишев. ОЈО не докажа со цврсти докази дека Палевски ги извршил злосторствата. Обвинителниот акт е непрецизен, а ОЈО и МВР направиле многу пропусти и направија циркус од овие настани. На судот му предлагам сите паушални докази кои се засновани на препоставки да не ги зема предвид и барам Палевски да биде ослободен – заврши бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски.