АДВОКАТОТ НА ВИДЕВСКИ БАРА ДА СЕ ПРИКАЖАТ СНИМКИ КОИ БИ МОЖЕЛЕ ДА УКАЖАТ НА ВРЕМЕТО НА СМРТТА НА ЖЕЖОВСКИ Продолжува „лицитирањето“ со дополнителни докази во процесот за убиствата на Вања и на Панче

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска додаде дека бараат време за да проверат дали такво цеде со видеозапис од Макпетрол Велес кое произлегува од наредбата е доставено до Судот за да можат да се произнесат.

2,477

Адвокатот на третообвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, предложи да се изведат како доказ видеоснимките од бензиските пумпи Макпетрол и Лукоил во Велес, за кои досега во изјави тврдеше дека на нив се гледа Панче Жежовски како жив на 22.11.2023 година околу пладне, а тој, според обвинителниот акт, е убиен околу 9, односно 9.30 часот.

Бранителот на Боре Видевски предложи да биде изведен како доказ видео материјал, обезбеден со наредба на ОЈО Велес.






– ОЈО Велес на почетокот на постапката има издадено две наредби за обезбедување видеоматеријали од бензиските станици Лукоил и Макпетрол, во близина на Велес, кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка. Ја предлагам наредбата издадена од Основен суд Велес на 29.11.2023, со која се бара да се обезбедат записите од 22.11.2023 на полноќ до 23.11.2023 година на полноќ – рече адвокатот Манев.

Судијата зеде примерок од наредбата која се предлага како доказ. Побара копии од адвокатот Манев, но тој немаше во моментот. Бранителите на останатите обвинети не побараа примерок од наредбата, Палевски наведе дека ја знае. Судијата ја достави наредбата до обвинителките, да ја видат и направи копии.

Обвинителката Жаклина Крстевска Јософовска праша:

– Со обвинителниот акт, во пописот на списи е доставена наредбата од Основен суд Велес од 29.11.2023 година, а сите обезбедени видеозаписи се доставени со обвинителниот акт од 31.5.2024 година. На која околност се предлага наредбата?

Манев наведе дека тој видеозапис за кој се однесува наредбата не е изведен како доказ.

– Оваа наредба ја предлагам како доказ на околноста дека истата се однесува на видеозапис кој се однесува на денот кој во обинението е наведен како ден на убиството на Панче Жежовски и се однесува на временски период наведен како час на убиството на Жежовски, кој не е изведен – рече Манев.

Судијата рече дека не му е јасно што зборува адвокатот.

Адвокатот објасни:

– Видеозаписот што е обезбеден со наредбата може да послужи како доказ за времето на смртта на Жежовски. Предлагам да се изведе наредбата и видеозаписите кои се обезбедени со таа наредба.

Обвинителката Јосифовска предложи да се одбие наредбата како доказ бидејќи не произлегува ниедна околност која би се презентирала.

Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска додаде дека бараат време за да проверат дали такво цеде со видеозапис од Макпетрол Велес кое произлегува од наредбата е доставено до Судот за да можат да се произнесат.

Судијата го опомена Палевски да не зборува без одобрение на Судот.

Судот донесе решение дека се прифаќа да се изведе наредбата на Судот Велес од 29.11.2023 година.

Судијата Ивица Стефановски го праша адвокатот Манев дали ги поседува видеозаписите кои се обезбедени, на што бранителот рече „не“. Судијата прифати да се изведат видеозаписи од безбедносни камери на Макпетрол на улицата Димитар Влахов, доколку бранителот Манев го обезбеди овој видеозапис.

Судот му укажа на бранителот дека тој треба да го обезбеди доказот, а Судот ќе овозможи технички услови за да го презентира. А доколку не го обезбеди, нема да биде изведен како доказ.

Манев побара и друг дополнителен доказ.

– Предлагам како доказ да се изведе видеозаписот од камери од улицата Академик Пенчо Влашев за периодот од 22.11.2023 во 6.30 часот до 24.11.2023 во 6.30 часот. Ова го барам на околноста што дел од споменатата улица се наоѓа точно на рутата на движење на „реното кангу“. Доколку „кангуто“ се движело во тој период кон куќата на Манев, мора да било снимено – рече Манев.

Обвинителката Јосифовска рече дека во врска со наредбата се обезбедени видео-записи кои биле презентирани во судницата.

Манев го повлече барањето за овој доказ и рече дека нема други докази за дополнение на доказната постапка.

Судијата рече дека Владимир Туфегџиќ, бранител на Алексаданр Ѓорчевски, поднел поднесок, дополнение на доказната постапка. Обвинителката рече дека се противи на тие докази, а Судот прифати да бидат изведени.

Обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев и нивните адвокати не предложија докази во дополнение на доказната постапка.

Туфегџиќ вели и дека тоа е потврда на здружение Фокс Скопје со кое одбраната докажува дека корисник на бројот 071-326-572 е Дарко Костовски, психијатар од Градска болница 8 Септември и фактура број… на име Дарко Костовски како сопственик на бројот. Со ова одбраната докажува дека Ѓорчевски во критичниот период од 27.12 до 3.12 има остварено телефонска комуникација, како што и самиот наведе во својот исказ. Други докази не предлагам – рече Туфегџиќ.

Поврзани содржини