Адвокатот Миланов: Вељаноски немал можност да го исклучи пратеникот кога ја пеел албанската химна

838

Адвокатот Еленко Миланов кој е бранител на дел од обвинетите во судскиот процес за организаторите на настаните во Собранието на 27 април, 2017 година денеска пред новинарите рече дека и пратеникот, Зекирија Ибраими од Беса, кој ја пееше во македонскиот парламент химната на Албанија ќе биде повикан како сведок.

Според бранителот Миланов на конститутивната седница во 2017 година не бил прекршен собранискиот Деловник, како што тврди обвинителството и дека и тогаш се постапувало по ист принцип како и при конституирањето на овој парламентарен состав.






Адвокатот објасни дека тогашниот претседател Трајко Вељаноски, кој е обвинет во овој процес, немал можност да му го исклучи микрофонот на пратеникот Ибраими, а за ова прашање се интересираше и обвинителката Гордана Смаќоска која на денешното рочиште  го праша пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ дали тогашниот претседавач можел да го исклучи од збор пратеникот од Беса.

Мицевски одговори дека тоа тогаш не било можно, а дури подоцна бил инсталиран систем за да може претседавачот директно да го исклучи микрофонот.

– Претседавачот Вељаноски немаше можност да го исклучи микрофонот на пратеникот. Тоа можеше да го направат собраниските служби од друго место. Таква можност претседател на Собранието да исклучи микрофон на пратеник беше овозможена подоцна – рече Мицевски.

Искази, дека Вељаноски не го прекршил собранискиот Деловник, дадоа сите пратеници од минатиот состав на ВМРО-ДПМНЕ кои беа повикани како сведоци.

Предложени се 15 пратеници, а на денешното рочиште беа дојдени Никола Мицевски, Драган Данев, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Благица Ласоска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов и Иван Стоилковиќ.

За протестите на „За заедничка Македонија“ Никола Мицевски рече дека партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ немале донесено некаков став за ова движење ниту, пак, му се налагало на членството да оди на протести, но дека имало многу реакции на граѓаните со оглед на настаните и излегувањето во јавност на т.н. тиранска платформа.

– До мене како пратеник доаѓаа реакции од многу загрижени граѓани,кои почнаа самостојно да се организираат и да одржуваат протести низ градовите. Јас лично имам учествувано на тие протести во Штип од каде што сум пратеник. Бев изненаден од масовноста и шареноликоста на тие настани. Во Штип каде што ги познавам луѓето, присуствуваа не само членови на ВМРО-ДПМНЕ туку и членови на СДСМ и аполитични граѓани – додаде Мицевски.

Случајот „27 април“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Поврзани содржини