Адвокатот Миланов: Исказот на Нинџа е дискредитиран и не може да биде основа за осудителна пресуда
Адвокатот на одбраната во случајот „27 април“ Еленко Миланов смета дека исказот на единствениот сведок на Обвинтелството, Александар Василевски – Нинџа е дискредитиран и не може само врз основа на него да се донесе осудителна пресуда.
– Од она што јас досега го видов во оваа постапка, мислам дека единствениот доказ на Обвинителството, Александар Василевски Нинџа е деградиран до крајни можни граници и сметам дека неможе да биде основа за една осудителна пресуда само со тој исказ – изјави Миланов во пауза на денешното рочиште.
Во изјава за медиумите, Миланов оцени дека процесот досега регуларно се одвива и оти сведоците на денешното рочиште покажале што реално се случило на 27 април 2017 година во Собранието.
– Митко Чавков беше јасен и дециден дека никогаш ниту имал комуникациија ниту се познава, а за лицето Александар Василевски Нинџа знае само од полициските извештаи околу неговите криминални дејствија. Тој ја објасни постапката и постапувањето на полицијата на тој ден и дека без отворање на вратите, ништо немаше да се случи во Собранието што според неговото тврдење, а верувам и општо познато е дека тоа било изненадување и за самите полициски службеници кои биле на лице место – рече Миланов.
Полициските сили кои биле поставени на 27 април, рече Миланов, без отворање на вратите, би можеле да спречат било каков поголем инцидент.