„АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ“ ЈА КУПИ ТОПЛИФИКАЦИЈА ЗА 9,3 МИЛИОНИ ЕВРА Новиот субјект ќе се вика „Adora Energy Solutions“
Топлификација АД, која беше во стечај оди во рацете на „Адора инженеринг“ а ќе функционира како посебен правен ентитет под името Adora Energy Solutions со менаџмент составен од домашни човечки ресурси.
„Адора инженеринг“ по пат на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра, ги купи Топланите Исток и Запад и најголемиот дел од останатиот имот на Топлификација АД, која е во стечај. Со оваа купопродажба завршува стечајната постапка на ова претпријатие.
Познавачите велат дека позитивен аспект од оваа зделка што ја одлучил судбината на досегашниот загубар Топлификација АД, е што регулираниот бизнис со производството на топлинска енергија ќе биде во рацете на сигурна компанија со целосно домашен капитал и менаџмент.
– После студиозна физибилити студија сработена од врвни домашни експерти од полето на енергетиката и повеќегодишни длабоки опсервации и согледувања на приликите во регулираниот бизнис со производство на топлинска енергија, се одлучивме на овој храбар потег во времиња исполнети со огромна неизвесност и предизвици. Цената на природниот гас, кој што е главен влезен параметар во работењето секојдневно руши нови рекорди, а регулираниот одреден принос на капитал од работењето е на историски најниско ниво. Меѓутоа, во „Адора“, имаме афинитет на прифаќање на деловни предизвици и донесовме одлука дека овој бизнис од државно значење заслужува да биде во рацете на домашна компанија. Нашата држава поседува исклучително квалитетен кадар од областа на топлинската енергија и енергетика генерално. Во соработка со домашната стручна фела, имаме јасна визија како да го поставиме работењето на правилен начини и да го оптимизираме и модернизираме процесот на производство во согласност со сите последни технологии. Постојат многу сфери во работењето на кои што ќе треба да се посвети интензивно внимание, труд и работа со цел да се најде економска оправданост, меѓутоа, во „Адора“ веруваме дека со поддршка од Регулаторната комисија за енергетика, од досегашниот, за жал загубар Топлификација АД, ќе изградиме успешна домашна приказна во бизнисот со топлинската енергија – рече Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на „Адора“ и одговорен за деловниот развој на компанијата.
Овој бизнис аспект ќе функционира како посебен правен ентитет под името Adora Energy Solutions и менаџментот и раководството ќе биде целосно составено од домашни човечки ресурси.
– Во сите бизнис полиња и аспекти каде што „Адора“ е деловно присутна, работиме со примарна цел да ги унапредиме, да внесеме иновативност, проактивност и прогресија. Во сите наши деловни активности, работиме според сите последни глобални методи, трендови и стандарди и наша примарна цел е да бидеме позитивен економски пример во гранките во кои делуваме. Сметаме дека вистинскиот успех на компаниите се мери според квалитетот на општеството, кои умеат да го создадат во средините во кои делуваат. Пред 20 години, нашиот директор проф. д–р. Ванчо Чифлиганец ја основа „Адора инженеринг“, која што за кратко време ја демонстрираше нашата посветеност како луѓе кон деловниот квалитет. Во изминатите неколку години, успешно го диверзифициравме работењето во неколку деловни сфери, кои исто така се покажаа исклучително успешни – додаде Чифлиганец.