Администраторите од ГОБ „8 Септември“ побараа од Филипче еднократна помош

4,345

Администраторите при ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје денеска преку социјалните мрежи му се обратија на министерот за здравство Венко Филипче и побараа да бидат вклучени во четвртиот пакет за еднократна помош за сите здравствени работници и соработници вклучени во работата со пациенти со ковид-19.

„Ние како дел од оваа болница, која веќе 9 месеци е ковид центар и ги прифаќа и работи со сите ковид-19 суспектни и позитивни случаи во државата, а сме први во контакт со тие пациенти, сметаме дека заслужуваме и треба да добиеме еднократна помош како и сите останати во болницата. Голем дел од нас се заразија на работното место, а нашата работа беше извршувана без застој и со ограничен број на луѓе, без можност да користиме годишен одмор и боледување“, наведуваат администраторите во обраќањето до Филипче.






Тие ја објавија и Наредбата од нивниот директор за вклученоста во работата во која се вели:
„Административните работници во болницата да се вклучат и да учествуваат во извршувањето на посебните и редовните задачи во врска со давање на административни услуги за овозможување и давање на здравствени услуги на пациентите болни од заразната болест COVID-19“, а потоа и „Секое непостапување по оваа наредба и одбивање за извршување на работна задача ќе претставува дисциплински престап и истото ќе биде соодветно санкционирано“.

Администраторите го замолуваат министерот да го разгледа нивното барање и се надеваат на позитивен одговор.

Поврзани содржини