АДЕМ ЧУЧУЉ ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА НИ ГИ ПОПРАВИ ОЦЕНКИТЕ ВО БРИСЕЛ Новиот шеф на Антикорупциска даде заклетва
Чучуљ најави дека ќе се залага да се зголеми проверката на имотната состојба на избраните и именуваните лица бидејќи тоа е една од забелешките во Извештајот на Европската комисија, а е шеста препорака на ГРЕКО.
Новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Адем Чучуљ денеска даде свечена заклетва пред претседателот на Собранието Африм Гаши. Најави дека заедно со неговиот тим ќе бара интегритет, одговорност и транспарентност од сите институции.
– За мене претставува, пред сѐ, чест да бидам претседател на институцијата од која потекнувам, во која израснав како професионалец. Истовремено е голема одговорност, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува и Комисијата и државата на полето на борбата против корупцијата. Во таа насока како претседател на ДКСК ќе се залагам за транспарентна работа на институцијата, но и како тим ќе бараме одговорност и транспарентност од сите институции. Ние сме институција која го промовира интегритетот и ќе бараме интегритетот да се промовира и унапредува во сите институции. Само со таква заложба и со интегритет на институции и интегритет на носители на јавни функции ќе придонесеме за подобро општество и за намалување на корупцијата – изјави Чучуљ.
Одговарајќи на новинарско прашање што ќе биде во фокусот на ДКСК, тој изјави дека имаат голем број предизвици.
– Оценките на Европската комисија се такви какви што се. Како претседател ќе се залагам да ги поправиме тие оценки. Ќе треба напор, доста работа. Во моето интервју во Собранието кажав дека ќе се залагам за дигитализација, за превентивните алатки. Во фаза сме на подготовка на новата Национална стратегија, која се изготвува во инклузивен процес, со учество на сите релевантни фактори во државата. Како превентивна алатка се надевам дека ќе биде многу поконцизна и поспроведлива за разлика од претходната. Со тој механизам ќе придонесеме да се отстранат системските слабости кои генерираат корупција. Се надевам дека ќе имам поддршка од целата Комисија, да ја зголемиме нашата проактивност во делот проверка на имотната состојба на избраните и именуваните лица бидејќи тоа е една од забелешките во Извештајот на ЕК, а е шеста препорака на ГРЕКО – рече Чучуљ.
Тој беше едногласно избран за претседател на ДКСК на вчерашната седница во Собранието, на која доби 82 гласа.