АД ТЕ-ТО ЌЕ РАБОТИ СО ПОЛНА МОЌНОСТ Владата обезбеди дополнителни количини електрична и топлинска енергија
Одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до 31.01.2022 година, информираше Владата преку соопштение.
Владата обезбеди дополнителни количини електрична и топлинска енергија од АД ТЕ-ТО Скопје, информираше владината прес-служба по завршувањето на денешната 133-та седница.
„Со оваа одлука се предвидува дополнителните количини на електрична енергија да се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати. Оваа дополнително произведена количина електрична енергија ќе ја откупува АД ’Електрани на Северна Македонија‘ Скопје со сопствени средства. Одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до 31.01.2022 година“, се вели во соопштението.
Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија, наведено е таму, ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје.
„Во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“, соопшти владата.