АД „СЛАВИЈА“ ЛАНИ ЗАВРШИ СО МИНУС 11.689 ЕВРА Агенција за управување со одземен имот вели дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со јавноста

Од Агенцијата додаваат дека дополнителна лага била изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која тврдеше дека АД „Славија“ имала годишен профит од 800.000 евра.

811

Агенцијата за управување со одземен имот вели дека ВМРО-ДПМНЕ со денови ја лаже и манипулира јавноста, за да избегне одговорност за распродажбата на објектите со кои ја обезвредни АД „Славија“.

– Груба лага и манипулација се врши од страна на ВМРО-ДПМНЕ со денови наназад, кои преку прес-конференции изнесуваат невистини. На денешната прес-конференција ВМРО ДПМНЕ изнесе лага дека на сметката на АД „Славија“ во моментов има над 100.000 евра. Во сите изводи извадени од АД „Славија“, кои ви ги обезбедуваме во прилог, моментално има 1.167.315,00 MKD или 18.919 евра кои се користат за исплата на режиски трошоци и плати. Манипулацијата на денешниот портпарол, се состои во тоа што ја прикажуваат приходната, а не и расходната страна на АД „Славија“, се вели во реакцијата на Агенцијата.






Оттаму додаваат дека дополнителна лага била изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која тврдеше дека АД „Славија“ имала годишен профит од 800.000 евра.

– АД „Славија“ минатата година во својата завршна сметка, годината 2020 ја има завршено со минус 718 849,00 MKD (11.689 евра). Приходите кои ги остварува АД „Славија“ се користат главно за намирување на плати и придонеси, како и за режиски трошоци – стои во реакцијата.

Од Агенцијата ја повикуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека сè уште и должи одговори на јавноста, како ги раскрчми најатрактивните локации на АД „Славија“, тајно и зад затворени врати скриени од јавноста, по ниски цени.

– Ги повикуваме ВМРО ДПМНЕ да и одговорат на јавноста, кому и по кои цени го распродадоа над 70% од имотот на АД „Славија“ и со тоа ја обезвреднија без да ги намират долговите кон сите вработени. Во деновите што следат ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да одговори и други прашања кои произлегуваат од фактите до кои дојде Агенцијата анализирајќи ја документацијата на АД „Славија“, а за кои ќе ја известиме јавноста многу наскоро – се вели во соопштението.

 

Поврзани содржини