АД-ХОК ТЕЛО ЗА „ИВАН МИХАЈЛОВ“ И „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“? Министерот Тупанчевски предлага привремено решение додека се измени законот
На тој начин мислам дека ќе биде намалена можност да се злоупотребуваат одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи - изјави Тупанчевски.
Министерот за правда Никола Тупанчевски предлага до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, како привремено решение да се формира меѓуресорско ад-хок тело кое ќе дава мислење за карактерот на историските личности предложени за именување на некоја невладина организација, фондација или здружение.
Тупанчевски рече дека овој предлог ќе го изнесе на денешната седница на владата.
– На тој начин мислам дека ќе биде намалена можноста да се злоупотребуваат одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи – изјави Тупанчевски, одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето 21 година од формирањето на Единицата за брзо распоредување.
Министерството за правда пред десетина дена најави состанок на Работната група на кој ќе се дискутира за новиот Закон за здруженија и фондации, откако изминатиот период во јавноста се отвори прашањето за издавањето на дозовли за регистрирање на здруженија со спорни имиња на историски личности, како што беа имињата на клубот „Иван Михајлов“ во Битола, здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, а најавено беше и формирање здружение „Цар Фердинанд“ во Богданци.
„Целта на овие измени на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање. Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување“, појаснуваат од Министерството за правда.