„ЌАЦИЛЕНД“ СЕ ОТСТРАНУВА Вучиќ најави избори и божиќно село во центарот на Белград
Откако беа отстранети шаторите пред Народното собрание, српскиот претседател најави избори следната година и порача дека обидите за преземање на власта на улица се завршени.
Пред Домот на Народното собрание во центарот на Белград, доцна синоќа беа отстранети шаторите во кои повеќе од осум месеци престојуваа поддржувачи на актуелната власт.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во обраќање пред своите приврзаници собрани пред парламентот, најави дека во наредните неколку дена на тој простор ќе биде отворено божиќно село наменето за сите граѓани, по што сообраќајот во овој дел од градот ќе биде целосно нормализиран.
Тој најави и дека во текот на следниот месец ќе бидат отстранети и шаторите од Пионирски парк, кој се наоѓа спроти српскиот парламент, а кои беа поставени во март оваа година. Дел од шаторите од овој парк веќе претходно беа демонтирани.
Вучиќ, исто така, објави дека следната година ќе се одржат избори, на кои, според него, актуелната власт ќе извојува убедлива победа, со што, како што рече, „дефинитивно ќе се потврди довербата на граѓаните“.
– Го прифативме нивното главно барање, ќе одиме на избори следната година. Нема да бидат толку среќни кога ќе ги пребројуваат гласовите. Ќе ги победиме на секое место во Србија – изјави Вучиќ пред насобраните пред Народното собрание.
Тој порача дека, како што рече, „обидите за преземање на власта на улица се завршени“, додавајќи дека граѓаните собрани околу Пионирски парк и платото пред парламентот „ја спасиле државата“.
Вучиќ нагласи дека токму тој дал иницијатива за отстранување на шаторската населба, колоквијално наречена „Ќациленд“, од Пионирски парк и од просторот пред Народното собрание, со образложение дека, според него, „обидот за преземање на власта со сила е пробан и завршен“.
– Мојот предлог е овој простор да се ослободи за одреден период, бидејќи нивните обиди за преземање на власта се завршени – порача српскиот претседател.