ЏАБЕ СЕ И НАЈДОБРИТЕ ЗАКОНИ, АКО НЕ СЕ ПРИМЕНУВААТ Милошоски апелира да се зголеми свеста, за да се зголеми и безбедноста
Не само Собранието, туку и сите други чинители, вклучително медиумите, општинските совети, инспекторите, надлежните институции, опозицијата и секој оној кој може да даде придонес, би требало да работиме за зголемување на свеста за почитување и имплементација на постоечките законски норми, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Измените на законите по трагедијата во Кочани ќе треба да се поделат на две фази, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
– Едната фаза би била брзи интервнции се надевам во што помалку закони, едноставни, како што беше и онаа денешната за забрана за употреба на пиротехника, од тој вид интервенции коишто не би биле преголеми зафати, а би подобриле конкретни стандарди при забележани пропусти. Другиот пакет на закони би требало да биде посистемски обработен и интересорски. Да не биде тоа предложено од еден, двајца пратеници или од едно министерство на брза трака, туку да има малку подобар пристап – истакна Милошоски во гостување на Телма.
Милошоски како трета работа ја напомена важноста на имплементацијата на законите.
– Трета работа која исто така сакам да ја напоменам, а сметам дека во овој дел треба да се зголеми и свеста и на тие кои видливо се вклучени во јавниот и политички живот, но и на оние кои имаат надлежности, тоа е имплементацијата на законските норми. Бидејќи, овде ако го гледаме цел случај, од тоа што го знаеме како јавни информации достапни за нас, не секогаш имало погрешни закони или одредби, претежно пропустите се во непримената на соодветните законски одредби во одредена материја, дали е тоа угостителство, лиценци, дали е тоа обезбедување или заштита од пожар или нешто друго – рече Милошоски.
Милошоски уште еднаш потенцираше дека сите чинители треба да придонесат за зголемување на свеста и за почитување на законите.
– Не само Собранието, туку и сите други чинители, вклучително медиумите, општинските совети, инспекторите, надлежните институции, опозицијата и секој оној кој може да даде придонес, би требало да работиме за зголемување на свеста за почитување и имплементација на постоечките законски норми. Бидејќи, ние можеме и најдобрите норми да ги пресликаме денес од кое било законодавство, дали ќе го одбереме тоа на Литванија, Шведска, Словенија на Австрија или на други, доколку не се применуваат тие законски одредби, повторно ќе ни се случат пропусти – рече Милошоски.