ЈА УБЕДИЛЕ ДЕКА ВНУКАТА УБИЛА ДЕТЕ СО КОЛА Скопјанка измамена за 170.000 денари од лажен полицаец
Жена од Скопје останала без 170.000 денари откако измамник ѝ се претставил како полициски службеник и ја убедил дека нејзината внука предизвикала смртна несреќа.
82-годишна скопјанка била измамена и останала без околу 170.000 денари, откако лице што телефонски ѝ се претставило како полициски службеник ја убедило дека мора да плати за да ја спаси својата внука од затвор, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата поднесена во СВР Скопје, измамникот телефонски ја контактирал жената и ѝ кажал дека нејзината внука наводно предизвикала сообраќајна несреќа во која загинало дете. Тој побарал итно да предаде пари за „да не оди внуката во затвор“, претставувајќи го тоа како полициска постапка.
Исплашената жена излегла на улица и му ги предала парите на машко лице за кое верувала дека е дел од „постапката“. По кратко време сфатила дека нејзината внука воопшто не учествувала во несреќа и дека станува збор за класична измама.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за идентификација на сторителот и целосно расчистување на случајот.