А што сега ќе спасува Филипче?

Своето достоинство и својата одговорност сигурно не! Тие две работи тој лично си ги беше оставил живи да му изгорат во пожарот во тетовската модуларна болница, и око не му трепна.

4,063

Бројката од 593 новозаразени со ковид-19 во текот на вчерашниот ден, односно податокот дека дури 20 проценти од тестираните биле позитивни на вирусот, како да сака да ги потсети здравствените власти во земјава дека врз рамењата на граѓаните тежнее еден многу поголем проблем од тоа дали премиерот на државата си поднел оставка.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој во изминатиов период беше прилично активен во предизборните активности на СДСМ за локалните избори, и кој, практично ја стави состојбата со пандемијата „на чекање”, а со тоа нѐ стави во опасност сите нас, сега конечно треба да се разбуди од својот розов политички сон, конечно треба да си ги избрише солзите по дебаклот што го доживеа неговата партија во неделата и конечно треба да се фрли на работа и да се обиде да го спаси она што сѐ уште може да се спаси.






А што би можел сега Филипче да спасува? Своето достоинство и својата одговорност сигурно не! Тие две работи тој лично си ги беше оставил живи да му изгорат во пожарот во тетовската модуларна болница, и око не му трепна.

Исто како што не му трепна ни за сите други загубени човечки животи и за сите пациенти со тешка клиничка слика кои пострадаа од „паузираната” корона во предизборниот период, додека тој, испрчен на сцената како паун, ракоплескаше, се кикотеше и ги промовираше кандидатите на СДСМ за градоначалници.

Еј, среде војна! А нели „земјава е во војна против невидлив непријател”? Самиот Филипче лани вака ја опишуваше состојбата со коронавирусот. Па, ако сме во војна, а секојдневните податоци ни покажуваат дека војната сѐ уште трае, тогаш како е возможно да се притисне „пауза” за војување поради локалните избори?

Од Министерството за здравство, на пример, јасно и гласно ни посочија дека и „кампањата за вакцинација е времено стопирана, но дека таа ќе продолжи со зголемен интензитет веднаш по локалните избори”. Или во превод: Си вклучуваме игрица на Комодоре 64, се пукаме до ниедно време со „главниот”, па стискаме „пауза” оти така ни прднало или ни се приспало.

Се прашувам, што ќе правеше оваа земја ако, не дај Боже, непријателот беше видлив? Ќе им стисневме „пауза” на непријателските тенкови? Ќе ги паузиравме и непријателските авиони кои тргнале да ни ги уништуваат домовите? Не, ич да не замислуваме.

На крајот на краиштата, ваков или таков, со достоинство или без, Филипче треба да биде свесен дека сѐ уште е министер за здравство и дека има законска обврска да стиска „ентер” наместо „пауза”. Невидливата корона уште многу одамна ни објави војна и таа војна најверојатно ќе потрае уште некое време. А досега никој не победил во војна без да влезе во битка и без да се бори.

Впрочем, и на најискусниот шаховски велемајстор не му е сеедно кога неговиот противник-почетник агресивно напаѓа и повлекува чудни потези на шаховската табла. Но, дури и тогаш, иако збунет, велемајсторот останува смирен и продолжува да игра и да победува, бидејќи ако почне да ги проучува и да бара логика во нелогичните потези на противникот, тогаш бадијала си го троши времето. Оти тој добро знае дека шаховскиот часовник нема милост за бавните играчи. Тик-так, тик-так…

Поврзани содржини